За Курбан Бајрам во дебарско се очекува продажба на околу 2.000 грла овци

by fokus

Со пресрет на муслиманскиот празник Курбан Бајрам (на 21 август) деновиве во дебарско најбарани на пазарот се овците.

Поради тоа што во Дебар нема сточен пазар, тие и годинава се продаваат на импровизиран пазар во просторот меѓу Центарот за култура и Новата саат кула џамија.

Познатиот дебарски сточар, Салаудин Абазоски, во чие семејство сточарството е традиција, вели дека деновиве почнале со продажба на овци и оти повеќето сточари кои се тука досега продале околу 700 грла овци.

– Цената во споредба со лани е речиси идентична и таа во зависност од тежината, се движи од 70 до 100 евра, а поретко и по 300 евра по грло. Поради масовното присудтво на печалбарите во поширокиот дебарски регион очекуваме за овој празник да продадеме околу 2.000 грла овци, нагласи Абазоски.

Според него, бидејќи луѓето немаат простор каде да ги чуваат, вообичаено поголема продажба очекуваат во следните три дена, посебно утре кога во Дебар е пазар каде  доаѓаат да пазаруваат и жители од општина Центар Жупа, подрачјето на Река, како и од пограничните албански села.

Курбанот, според верниците, се коли, првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.

Традицијата на вековен верски соживот и толеранција, како што потврдуваат верниците, се почитува и при распределбата на месото од курбанот. Тоа значи дека муслиманските верници курбан им даваат и на семејства од православната вероисповест.

Празникот Курбан Бајрам се одбележува четири дена. Се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, верници го реализираат петтиот столб на исламот, а тоа е аџилакот.

Од Дебарското муфтистство годинава на аџилак се 26 верници, кои како што ни потврди муфтијата Хаџи Рамазан Ефенди Хаса, се чувствуваат добро и ги извршуваат верските обреди.

Поврзани новости