За Касами не Скопје, туку Тетово е главен град на Албанците

by Fokus

Добредојдовте во албанскиот главен град во Северна Македонија!, стои во објава на Фејсбук на тетовскиот градоначалник Билал Касами, на фотографиите по повод приемот на дваесетина градоначалници Албанци од регионот.

Оваа негова објава предизвика реакции на социјалните мрежи. Граѓаните поентираат дека главен град на Македонија е Скопје, без оглед на националноста.

Реагираа и од Либерално демократската партија. Од ЛДП ја осудуваат изјавата на Касами, нарекувајќи ја скандалозна, и порачуваат дека Македонија е мултиетничка држава

„Во недостаток на идеи и проекти дел од опозициските партии продолжуваат да играат на картата на национализмот и да се обидуваат да ги влошат меѓуетничките односи и да ги разнишаат европските вредности. Либерално-Демократска партија упатува порака дека Македонија е мултиетничка држава и Тетово е и ќе биде мултикултурен град, а не главен град на Албанците“, велат од ЛДП.

Според нив, симптоматично е што оваа објава доаѓа само неколку недели по барањето за формирање Заедница на албански општини, по теркот на она што се договара за Косово, барање кое дојде од Алтернатива, уште една опозициска партија од албанскиот политички блок.

 

 

Поврзани новости