Познатиот џез музичар од Охрид, Владимир Четкар со својата музика ја освои Јапонија. За само неколку недели откако неговиот албум ,,Going Home” бил дистрибуиран во Јапонија, доживеал голема популарност, и бил претставен во секцијата на интернационални ѕвезди како Џастин Бибер и Ариана Гранде.
Пи-Вајн (P-Vine), една од најпопуларните јапонски музички куќи со светско реноме која е прочуена по квалитетот на своите изданија низ аудофилите ширум светот оваа недела го издаде новиот студиски албум на Владимир Четкар, насловен како ,,Going Home”.
-Вистински раритет е што албумот кој е дистрибуиран насекаде во Јапонија е фаворит број еден во најголемите музички продавници во центарот на Токио (Шинџуку и Шибуја) и е претставен во секцијата на интернационални прекуокеански артисти рамо до рамо со некој од најкомерцијалните музички ѕвезди како Ариана Гранде и Џастин Бибер.
Овие изминати неколку недели музиката на Четкар ужива огромен респект од јапонските медиуми и активна радио подршка од сите поголеми национални и локални радио станици. Масахару Јошиока кој е еден од квинтесенцијалните јапонски музички критичари за новиот албум на Четкар изјави дека е неверојатно ремек делo – информираат од ПР тимот на музичарот.
Албумот ,,Going Home” е комплетно авторско дело на Четкар каде како и во предходните два албума ,,Heavenly” и ,,We Will Never End” и тука се потпишува како продуцент, композитор, аранжер, оркестратор, гитарист, вокалист и текстописец.
Вики Клинчарова