За испишување на графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“, МВР поднесе нови пријави против адвокатот Стеваноски

by fokus

Пишува: Зоран Милошески

После првата ослободителна пресуда која прилепскиот Основен суд ја изрече по однос на пријавата која МВР-Полициска станица Прилеп ја поднесе против Жарко Стеваноски, денес МВР-ПС Прилеп по истата основа до Основниот суд против Стеваноски поднесе нови две барања за поведување прекршочни постапки. Пријавите се однесуваат за истиот прекршок по чл.191 ст.4 во врска со ст.1 од Законот за безбедноста во сообраќајот. Исто како и во пријавата која судот ја отфрли, и со новоподнесените барања МВР повторно тврди дека испишаниот графит „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“, како што пишува во пријавата, „ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвлекувале нивното внимание“.

„За мене се сосема апсурдни и нелогични ваквите тенденции на МВР, од причини што во една од постапките која заврши со ослободителна пресуда, заменик-началникот на униформираните полициски службеници на СВР Битола кој бил задолжен и одговорен да ги обезбедува протестите, веќе даде изјава со која потврди дека за време на сите денови во кои се одвиваа протестите сообраќајницата каде беше испишан графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“ беше блокирана. Исто така тој кажа дека веднаш после секој протест, цистерна со вода на ЈКП „Комуналец“ Прилеп го чистела испишаниот графит, а дури потоа сообраќајницата повторно била пуштана за одвивање на сообраќај. Тоа значи дека учесниците во сообраќајот на никаков начин не можеле ниту да бидат заслепени, ниту пак на било каков начин нивното внимание да било одвлечено“, вели адвокатот Жарко Стеваноски.

Според Стеваноски, одредени структури во МВР поттикнати од локалните власти, на штета на буџетот на ова Министерство упорно си прават „екскурзии“ низ правната регулатива и судскиот систем, со цел да извршат притисок врз него. Нивните мотиви, како што вели Стеваноски, се кријат во неговите тековни и идни активности кои се насочени кон разоткривање на криминалните локални структури и нивните дејанија на штета на буџетот на Општина Прилеп, а кои на крајот ќе резултираат со енормни трошоци за водење на сите овие постапки кои ќе паднат на товар на МВР.

„На локалните власти и дел од структурите на МВР-ПС Прилеп би им порачал што е можно повеќе да користат стручна правна помош при изготвување на актите насочени против мене. На ваков начин не само што се срамат себеси како индивидуи и одговорни службени лица кои тотално не ја познаваат правната регулатива, туку ги деградираат и институциите кои ги претставуваат, создавајќи за нив перцепција која се одразува во извештаите на Европската комисија за напредокот на државата во поглед на владеењето на правото и правната држава. Вистината за нив ќе биде болна. Правдата ќе биде задоволена и секој од нив ќе ги сноси последиците од сопствените постапки. На крајот на приказната, сакале тие или не, сепак „ЧЕ СИ ЛЕЖАТ“, поентира Стеваноски.

Со двете денешни пријави, МВР-ПС Прилеп против Стеваноски има поднесено вкупно 6 прекршочни пријави, од кои прилепскиот Основен суд едната веќе ја отфрли.

Поврзани новости