За интелектуалците против албанскиот јазик

by Fokus

Пишува Денко МАЛЕСКИ

Џорџ Орвел бил во право кога рекол дека, по правило, интелектуалците не го менуваат своето мислење, без оглед на фактите кои се пред нивните носови. Па што станува со мислења кои се спротивни на фактите од реалноста? Тие, едноставно, се кршат од реалноста. Е, сега. Во една развиена и пристојна демократија, каде што условите за мир се гарантирани, тоа значи дека таквите идеи се кршат во парламентот. И никому, ништо. Во слаба демократија каква што е нашата, тоа може да значи дека погрешните идеи може да се кршат на улици или дури и во парламентот, но со скршени човечки глави. Поводот за овие мои редови е реакцијата на Законот за употребата на јазиците, поточно, на албанскиот јазик.

Имено, во изминативе триесетина години, идеите на една  група интелектуалци, во континуитет, се кршат од домашната или од меѓународната реалност, но тие упорно се држат до нив. Таквите идеи не доведоа до работ на граѓанска војна во 2001, иако имавме идеален Устав, и до тотален пораз на државата во спорот со Грција, иако правдата е на наша страна. Зошто го прават ова? Едноставно затоа што интелектуалците, по правило, не го менуваат своето мислење. Ако е тоа правило, тогаш ретки се оние како Кејнс кој на приговорот дека го сменил своето мислење, признал дека тоа секогаш го прави во светлината на нови факти.

Еве да повторам некои факти, свесен дека, и овој пат, нема да сменам ничие мислењето. Последните експлозии на национализам во земјите на Источна Европа, произведоа нова политичка литература која го разработува односите помеѓу државата, нацијата (или нациите) и демократијата. Резултатите од тие истражувања велат дека за да се сочува државата, нужно е да се избере точната стратегија во услови на демократија, што ќе рече, во услови за слобода за сите. Стратегијата, пак, зависи од конкретните услови и степенот на присуство на друга нација на државната територија, покрај титуларната. Кога не постои друга нација, лесно се консолидира демократската нација-држава. Но, кога постои друга нација која е национално разбудена, демократска консолидација на државата е можна само ако внимателно се осмисли политичкиот систем кој ќе го движи општеството кон мултиетничка или мултинационална држава.

Реално гледано, тоа е македонската ситуација. Проблемот е во тоа што мнозина интелектуалци, а да не зборуваме за обичните македонски граѓани, одбиваат да ја прифатат оваа реалност, верувајќи, како и многу пати досега, во магијата на правната норма изразена во уставот. Се разбира, сите овие тези би требало да се предмет на анализа на нашите научни центри за истражување, со што би се ставиле на проверка во контекстот на македонската реалност. Но, таквите центри се мртви. Па така, индивидуалниот глас, и колку исправно да ја толкува реалноста, е само еден од многуте и може лесно да се заобиколи, во Македонија. До моментот додека не настане лом и крш во општеството. Ама, и тогаш интелектуалецот ќе рече дека неговата идеја е добра, но дека реалноста не чини!

 

 

Поврзани новости