ВИДЕО Заев: Со Законот за јазици не губи никој

by Fokus

Премиерот Зоран Заев, денеска преку видео обраќање порача дека Законот за употреба на јазиците е сериозен придонес во градењето на концептот „Едно општество за сите граѓани“.

„Оваа наша, и европска вредност, ја доби поддршката од мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, но и на локалните избори. Таа вредност: Македонија – земја на сите граѓани, е концепт и патоказ за нашата иднина. Се определивме за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници“, рече Заев.

Премиерот додава дека Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години и порачува дека никој не e, и не може да биде над Уставот.

 „Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка. Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик. Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Нема разумно оправдување во блокадата на политичките процеси и на политичките институции како што е Собранието“, посочува тој.

Поврзани новости