Гости со маски, рецепционери и келнери со визири. Соби без украсни перници, ленти и прекривки. По спратовите и холовите празно, нема играчки, ниту списанија или печатен инфо материјал. На подовите патокази или столпчиња за ограничување на приодот. Вака некако ќе изгледа сликата во домашните хотели кои од понеделник ги отвораат вратите согласно корона – Протоколот.
Подготвени се, велат, но гости нема. Резервации слабо се прават, понекоја за јули и август. Поголема посетеност очекуваат во септември/октомври. Предупредуваат дека ако ургентно не се олеснат процедурите за влегување и излегување од/во земјава и не се отворат авио и патниот сообраќај, нивните капацитети (посебно во градовите) ќе стават клуч.
-Хотелите може да опстанат ако капацитетите им се исполнети минимум 45 отсто, а засега, јунската, па и јулската сезона се пропаднати. Секојдневно ја губиме конкурентноста во однос на регионот кој ги либерализира мерките и постапките на заштита ги сведува главно на лична одговорност, предупредуваат хотелиерите.
Во разговор за МИА тие уверуваат дека 100-процентно ги имаат исполнето препораките од Протоколот. Потребните дезинфекциски средства се набавени, обезбедена е и заштитната опрема за персоналот. Направена е реорганизација на масите согласно пропишаната дистанца од 1,5 до два метра, соодветно е постапено и во однос на пултовите за рецепција кои задолжително треба да бидат „забарикадирани“ со монтажна преграда (шалтер) од проѕирна пластика или стакло.
-Подготвени сме за работа. Подготвени сме комплето да примаме гости. Набавени се дезинфекциски средства за сите соби, келнерите се опремени со визири и маски, рецепцијата исто. Тука е и потребното растојание од два метра за секој гостин кој доаѓа на пултот, масите на терасите се одбележани. Секоја маса се пребришува, веднаш се дезинфицира и никако однапред не се поставува приборот. На шанк не смее да се седи. Од едно место се земаат пијалаци, на друго се оставаат валканите чинии и чаши. Соодветно е подготвена и кујната, на едно место се издава храната, на сосема друго се примаат валканите прибори. Согласно Протоколот, извадени се и декоративните перничиња од собите. Всушност, дел од препораките и досега ги применувавме, посебно хигиената која секогаш мора да е максимална, вели Славе Сирачевски, сопстеник на комплексот „Аурора“ во Берово.
Според него, сезоната во јуни е промашена.
-Веќе правиме резервации, но многу повеќе за јули и август. Јуни ќе биде промашена работа. Доцна се донесоа мерките. Резервациите не се прават ден за ден, туку многу порано. Сега, на пример, правиме резервации и за септември/октомври. Генерално, тешко ќе се спаси сезоната. Сметам дека градските хотели ќе се соочат со уште поголеми проблеми, освен ако не се отворат границите, па да тогаш да имаат по нешто работа, напоменува Сирачевски.
Ајдован Адемоски, сопственик на два хотела во Скопје, смета дека не само јунската, туку и јулската сеозна е пропадната. Хотелиерите се подготвени да примат гости, но гости нема.
-Подготвени сме, но нема кој да дојде. Сите резервации се откажани. Требаше да имаме свадби во јули и август, резервирани ни беа и гости од Израел и Автсралија, но сé се откажа, а резервации не може да се прават зашто уште е неизвесен влезот во земјава. Не знаеме кога ќе се регулира целосно во смисла на слободно движење. Кој би дошол ако знае дека треба да одлежи две недели во домашна изолација или да носи тест за коронавирус? Јуни и јули се изгубени, нагласува Адемоски според кој, хотелите може да опстанат ако капацитетите им се исполнети минимум 45 отсто.
Можно е, додава, идниот месец да има туристи во туристичките центри, но наши, не странци.
Двата хотела на Адемоски се на нивото што го бара Протоколот. Едниот е на техничко одржување, зашто нема гости, но никој не е отпуштен од работа, а другиот што до скоро беше даден за државен карантин, веќе е дезинфициран и сосема ставен во функција.
-Слободното движење и слободните прекугранични минувања се клучни за туризмот, особено за мала, континентална, транзитна земја како нашата, без излез на море. Бројот на туристите во април 2020 година, во однос на април 2019 година е намален за 99,1 отсто, бројот на ноќевањата е намален за 97,2 процента, додека бројот на ноќевањата на странските туристи е намален за 97,8 отсто. Владата го поддржа и туристички сектор со ваучерите за домешен туризам и платежните картички. Овие и другите мерки ги поддржуваме, но тие се главно насочени кон одржување на работните места, а работните места имаат смисла ако создаваат новата вредност. Создавање нова вредност во туризмот е невозможно без слободно движење и преминување на границите. Р.С.Македонија ги отвори границите, но процедурите како смоизолација, PCR тестот, затворениот авиосообраќај и ограничениот јавен, меѓуградски и меѓународен автобуски превоз ја уништува туристичката индустрија, објаснува Адемоски.
Тој смета дека најавеното отворање на ЕУ кон Западен Балкан за 1 јули 2020 практично наложи нашите хотели да почнат со подготовките за туристичко и транспортно отворање. Укажувањето на ЕБРД, пак, за што побрзо кревање на рестриктвните мерки, е во директна корелација со враќање на деловата кондиција.
-Во Турција на граничните премини им се мери температура на патниците без да им се побараат дополнителни услови, иако трите викенди, 20, 27 и 28 јуни ќе има карантин. Освен носење маски, не се бара друго ништо. На 11 јуни Турција ги отвори границите, освен за Иран и Сирија, и ја објави програмата за постепено воведување на меѓународен авио сообраќај. Со Р.С. Македонија беа подготвени да воведат авио линии уште на 15 јуни, но ние не сме подготвени. По првиот квартал 4,24 милиони туристи ја посетиле Турција. И таму функционираат угостителско-хотелските протоколи. Значи, сведување на процедурите на контрола на мерење телесна температура на границите и отворање на меѓународниот авио и јавен патен сообрааќај се условите да почнеме да создаваме додадена вредност, подвлекува Адемоски.
Протоколот со кој се уредуваат процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на КОВИД-19, Владата го донесе на 16 јуни, а стапува во сила задутре, на 22 јуни.