За речиси една третина е намален бројот на живородени деца во Македонија од 1994 година до лани. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 1994 година во Македонија имало 31.421 живородени, а минатата година 21.754. Бројките укажуваат и на зголемување на бројот на умрени лица, со што се намалува и природниот прираст.
Ако се погледаат податоците објавени во последната публикација на ДЗС за Природното движење на населението во текот на минатата година во која се дадени споредбени податоци и со изминатите години, може да се забележи дека најголемо намалување на бројот на живородени деца се бележи во периодот од 1994 до 2001 година, кога има регистрирано 24.183 живородени. Така за седум години бројката се намалува за околу 7.000.
Потоа следи постојано намалување на оваа бројка, од 2001 до лани за околу 3.000 живородени.
Но, за разлика од намалувањето на бројката на живородени, податоците покажуваат дека се зголемува бројот на умрени лица, нешто на што влијае и менувањето на старосната структура на населението. Во 1994 година умреле 15.649, а лани 20.318 лица.
Ваквото природно движење на населението, резултира и со намалување на природниот прираст на населението. Иако, тој се уште е позитивен и лани изнесувал 1.436, во 1994 година бил десет пати поголем и тогаш изнесувал 15.772 лица, односно за толку повеќе биле родени од умрени.
Трендот на намалување на бројот на живородени продолжува и годинава. Според податоците на ДЗС бројот на живородените деца во второто тримесечје од 2018 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 6,3 отсто и изнесува 5.160 живородени деца.
Бројот на умрените лица во второто тримесечје од 2018 година бележи зголемување од 1,1 отсто во споредба со истото тримесечје од 2017 година и изнесува 4.683 лицa.
Природниот прираст изнесува 477, што значи, за толку лица бројот на живородените деца е поголем од бројот на умрените лица, што е тројно намалување од минатата година кога природниот прираст бил 1.436 лица.
Неодамна директорот на ДЗС Апостол Симовски во интервју за МИА не сакаше да даде оценка за овие состојби, поради тоа што, како што рече, Заводот, ја отсликува само реалноста.