За една година ќе се знае дали Стразбур ќе ја “оживее” аболицијата на Иванов

by fokus

За околу една година, Судот за човекови права во Стразбур, ќе треба да пресече дали аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов ќе “оживее” и од кривичен прогон ќе се спасат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, на кои им се суди за предметите кои ги отвори СЈО.

Од Владата неодамна испратија одговор до Стразбур, односно аргументи кои треба да го убедат судот дека аболициите се незаконски. Поточно, како што дознава “Фокус”, главната одбрана на Владата се движи во насока да се докаже дека аболицијата на Иванов од старт е ништовна. Односно, дека се повикал на член од Законот за помилување кој со години не постоел.

Од Министерството за правда не ја откриваат стратегијата, но дознаваме дека одбраната одела во насока на веќе дадените јавни изјави на министерот Бојан Маричиќ.

-Помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред Судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот нив да ги оцени, упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост, изјавуваше Маричиќ.

Сега одбраната на обвинетите поранешни функционери има рок до 15 септември да даде одговор на аргументите на Владата. По ова, ќе преостане судот да ја донесе пресудата, која би се очекувала летото или есента 2022 година.

Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.

Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.

За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече.

Валентина Вурмо

Поврзани новости