По трите прекршочни пријави, заменик министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, за сообраќајниот инцидент, заработи и кривичнa пријавa.
Министерката Фросина Ременски денеска изјави дека веќе ја поднела пријавата до скопското обвинителство, за неовластеното користење на службениот „туарег” од страна на Спасов, кој, како што тврди, е во сопственост на Агенцијата за вработување.
Спасов го возеше „туарегот” претходниот месец доцна навечер кога предизвика две сообраќајки и избега. Спасов тврдеше дека бил жртва на криминално-полициска хајка, а МВР, дека бегал од местото на сообраќајките и не застанал полицајците.
Пријавите се за три кривични дела: злоупотреба на положбата, несовесно работење и послужување во службата и е поднесена против неколкумина.
Ременски рече дека од лани досега поднела 14 кривични пријави против Спасов или неговиот тим, меѓу кои е и пријавата за десетици вработувања кои, како што рече, заменик министерот ги потпишувал наместо надлежниот државен секретар на министерството.
Министерката рече дека се очекува обвинителството конечно да отвори постапка и да се произнесе за пријавите.