За два дена од 6 до 8 април, затворени се четири угостителски објекти во Битола, Гостивар и Тетово кои не ја почитувале забраната за работа, а надвор од употреба се ставени 40 кафемати во Скопје, Охрид и во Гостивар.
Како што соопшти претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска во овие два дена шесте инспекциски служби спровеле вкупно 1 346 надзори за тоа како се почитуваат мерките за заштита од ширење на коронавирусот, од кои 547 од Државниот пазарен инспекторат.
Пазарните инспектори извршиле и визуелни контроли на угостителските објекти низ државата при што е констатирано дека генерално се почитува забраната за работа, а кај мал дел од трговците се констатирани зголемени цени на производи и по надзорите тие се вратени на износот од 11 март.
При извршени 164 надзори од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство се изречени шест мерки и едукациии поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и се изречени седум решенија за костатирана лоша општа хигенска состојба.