Пишува
Каролина РИСТОВА – АСТЕРУД
Претседателот на СДСМ Зоран Заев во вчерашното интервју за порталот Кирилица (6 јуни 2015) во однос на прашањето за т.н преодна, транзициска влада го кажа следново: „Ние ќе инсистираме таа преодна, транзициска влада да биде без Груевски. Може да биде целосно експертска, може да биде и политичка, композитна влада, од сите партии во парламентот, може да биде предводена дури и од член на ВМРО-ДПМНЕ, но не од гарнитурата која е целосно инкриминирана. Но, никако од Никола Груевски, кој е прв и најодговорен за таа инкриминација“.
Апсолутно се согласувам со ставот дека Груевски и неговиот криминален вагон инсталирани во Владата и Собранието како носители на двата политички столбови на власта не треба да бидат вклучени, а колку што можам да забележам, и поголемиот дел од македонското граѓанство кое се бори за слобода и демократија во земјата е на истава позиција. Всушност, тоа треба да биде една од црвените линии на преговорите и почетна точка за вистинско оживување на нашиот уставен поредок заснован на европските вредности.
Исто така, апсолутно се согласувам со Заев, дури сметам дека се подразбира, дека партијата ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија треба да учествува во договорањето и одлуката за оној вториот дел, имено, каква влада – експертска или политичка. Е сега, кога доаѓаме до самото прашање за тоа каква преодна влада ни треба, јасно е дека имаме разногласие, со огромна доминација на позицијата за т.н експертска влада. Таа и таква позиција ја заговараат, чик погодете, експертите, политичките аналитичари, па и дел од невладиниот сектор.
Од друга страна, самите политичари во најголем дел се резервирани во изјаснувањето, како што е впрочем и самиот Заев во изјавата. Едноставно, само ги изложуваат алтернативите, а подолу под точка 3 ќе изнесам зошто сметам дека е така. Притоа, речиси и нема дебата за тои кои би биле предностите и мааните на едната или другата опција, речиси како и да се подразбира дека експертската влада е таа со сите предности, а политичката влада е таа со сите маани.
Јас како некоја која по образовна и професионална вокација е во светот на академијата и експертите, но истовремено и како некоја која имала политичка кариера и практично политичко искуство (на шега велам, со 20-ина години емпириско истражување и емириско спознавање на политиката), припаѓам во групата на оние кои засега се малцинско мислење, имено, јса сум од оние кои сметаат дека треба да се договори политичка влада, баш она како што ја формулира Заев во цитираниот дел од изјавата погоре.
Таквиот став го имам изградено врз основа, не само на одредени демократски политичко-вредносни ориентации, туку и врз основа на одредени практични основи, обзири и сознанија, контекстуализирани кај нас и за нашите потреби за проектирање демократска политика и демократски политички процеси.
Однапред се извинувам за драматичноста, претераноста или поедноставувањето на некои од долунаведените тези и аргументи:
1. ДЕМОКРАТСКИ ПОЛИТИЧКИ РЕЖИМ И ПОЛИТИКА МОЖЕ ДА СЕ ОЖИВОТВОРУВААТ САМО НИЗ ДЕМОКРАТСКА МАТРИЦА И СО ДЕМОКРАТСКИ СРЕДСТВА.
Според мене, ако сакаме во иднина да градиме демократски политички режим и политика, тоа треба да го почнеме уште од самиот почеток на решавањето на кризата, имено, со преодната влада. Дури и ако сме припадници на гледиштето дека кризата е само политичка, со епицентар во партиите и нивните лидери, а а не во групата која смета дека кризата ни е сеопшта општествена, лекот никако не е во нивно исклучување од составот на владата и ставање на задното седиште на процесот.
Лекот поверојатно е да се најде во самата политика- ако политиката не заглавила, политиката само може да не одглави. По демократските матрици, такво решение е политичка влада составена од парламентарните партии. Натаму, да не се залажуваме, токму партиите ќе бидат силата која „органски„ ќе треба да ги внесуваат и операционализираат сите нови решенија во годините по преодниот период. Шансите за тоа се многу поголеми ако самите партии и политичари вистински и директно се истурат на преодниот фронт, ги гледаме како се потат да се усогласуваат, а со тоа и си ја превземат одговорноста пред граѓанството и гласачите. Навистина не верувам дека ќе има фајде ако промените им ги „октроираат„ експерти на кои партиите можат само да им „климкаат„ со глава, а после, откога ќе им го видат тилот, повторно да ги изрелативизираат работите, или, уште полошо, да ги погазуваат.
Треба да се разбере и прифати дека во природата на „љубовниот однос„ меѓу политиката и експертизата е инсталиран еден почетен груб факт, а тоа е дека нема експерт на планетава кој му „издиктирал„ нешто на политичар, ако политичарот вистински не го смета тоа за своја творба, дури и во нашата средина која гради декларативен „технократски тотем„, ич пак муабет да не правиме во земји на развиена демократска политики и со асално избарни политичари. Значи, во природата на политиката е да диктира, а не да прима диктати од било кој друг освен од тие кои ги „хранат„ и „држат во живот„ политичарите, а тоа се нивните поддржувачи (читај: гласачите во демократската политика).
Ако сакаме да се изразиме сликовито, во светот на политиката , експертите можат да бидат само минливи и менливи шваљер(к)и, никако официјални партнер(к)и, тој статус го имаат гласачите/граѓанството, па затоа нужно е нивната вклученост уште во преодниот период. Од аспект пак на мотивационите механизми, внесеноста и посетеноста во работата, што и да прават и направат експертите, тие нема да одат потоа на избори и „баш ги заболе„ ако нешто згрешат во вежбањето експертизи врз државата.
Политичарите и партиите ќе одат. Значи, граѓанството првите нема баш да може да ги „пее„, но вторите ќе може, а работата е дојдена дотаму да немаат право на грешка. Конечно, со оглед на сите гревови што им се припишуваат на политичките партии (нема да навлегувам кои им се вистински, а кои нефер им ги припишуваа), еве, преодната политичка влада може да послужи и како почетно чистилиште, нека вежбаат, нека тренираат за какви треба да бидат „од утре„.
2. ВО ДЕМОКРАТСКА ПОЛИТИКА, ПОЛИТИЧАРИТЕ СЕ ПОЛИТИЧАРИ, ЕСКПЕРТИТЕ СЕ СОВЕТНИЦИ – ТОЧКА!
Оваа вредносна позиција е многу јасна во светот на изборната демократска политика, а богами во денешно време и многу зборувана, дискутирана и аргументирана во контекст токму на политичкиот систем на ЕУ кој треба сега да посредува и да не надгледува. Се знае, во демократска политика, за дистрибуцијата на ресурсите и вредностите, за правењето на (правните) правила по кои ќе се живее, за „правилата на игра„ во општеството и државата, одлучува суверенот- граѓаните, најчесто преку избрани политичари и партиите кои ги кандидираат, а некогаш и непосредно (граѓански иницијативи, петиции, референдуми).
Не може да одлучуваат оние на кои не им го виделе суратот на избори, ниту пак оние кои своите позиции и одговорности никогаш не ги стават и тестираат на избори. Значи, сите други индивидуи, групи, организации може да советуваат, да нудат експертизи и експертски алтернативи и решенија, може да делуваат како групи за притисок, да лобираат, да надгледуваат, да контролираат, но да одлучуваат –не! Ова вредносно златно правило на демократската политика треба да се применува уште во преодната влада, ако демократска политика е она на што сме посветени да градиме!
Баш кога е најтешко треба да ја манифестираме, затоа што само така ќе се изнајде капацитетот, само така конечно ќе почне да пушта никулци и да создава условни рефлекси! Според мене, експертизата, ако е во улога на „владетел„, па макар и во еден преоден период, може да произведува само технократија и „демократски дефицит„, но не и демократија! Уште повеќе во едно општество како нашето за кое истражувањата на политичката култура покажуваат дека само една третина од граѓанството верува дека општествените проблеми треба да се решаваат преку „демократски средства„ додека друга третина верува во „силен лидер„ а трета во „експерти„.
Самите експерти по политичка култура ќе ви кажат од прва дека поддршката за опциите „силен лидер„ и „експерти„ не се демократски опции, напротив, тие се индикатор на авторитарна политичка култура и не водат кон развивање на демократска политичка култура и режим.
3. НАМ НИ ТРЕБА ТОТЕМ НА ДЕМОКРАТИЈАТА А НЕ ТОТЕМ НА ТЕХНОКРАТИЈАТА.
Зошто Заев и другите непосредно ангажирани во политиката не ја нудат поотворено опцијата за политичка влада? Мислам дека тоа не е само од причини за да си ги држат сите опции отворени, туку и заради тоа што во нашава средина и јавност, меѓу другото, владее една длабоко вредносна технократска мантра, издигната на ниво на „тотем на технократијата„, имено, дека експертите се супериорните, се знаат, никогаш не грешат, „експертите се најумните и најубавите, а политичарите се најглупавите и најгрдите„ онака, без индивидиуализација, контекстуализација и „дискриминација„.
Секако, надоврзано на ова, во нашата дадена ситуација тука е и хранетото мислење дека само политичарите и партиите се тие кои не зарибале до волку, и затоа тие ниту се способни, ниту повикани да не извадат, туку тоа треба и може да го направат само експертите.
Логично, во една ваква атмосфера, политичарите, дури и најчистите, дури и оние од опозицијата, се плашат да не бидат случајно „погрешно разбрани„, и да наметнат барем подеднакво разгледување и анализирање во јавноста и на оваа втората опција, опцијата за политичка влада, евентуалните нејзини предности наспрема експертската влада, а кои јас овде се обидувам да ги предочам и за кои сакам да предизвикам размислување.
Во овој правец, дали се прашуваме колку технократскиот тотем е оправдан? Во колку ситуации самите политичари и политички партии се обиделе да принесат „жртви„ кон овој тотем за да ги задоволат создавачите на јавното мислење, експертите, гласачите? Колку индивидуи со технократски референци „со кран„ ги има поставувано политиката на министерски места во ПОЛИТИЧКИ влади, па и за шеф на државата, онака без ден претходно во партија, политика? А во Собранието, колку магистри и доктори на науки имаат поминато, вклучително и од нас што сме на универзитетот?
Па ако се соберат сите на купче слободно еден универзитет само од нив може да се формира!
Ако воопштуваме, кај дел од нив никаков посебен или поразличен аир не видела ниту државата ниту политиката, дел од нив го компромитирале „технократското знаење„ , а најголем дел о воопшто не се однесувале со некаков посебен демократски капацитет. Напротив, почесто биле со манифестна „технократска„ затвореност и ароганција, вклучително и кога се работело за отчет во партиите кои ги поставувале и кои одговарале за нивните мандати, без притоа да имаат ефективно влијание врз нивната „умна работа„ и „најумни предлози„ кои послушно биле прифаќани од хард-кор политичарите, наспроти подоцнежните урбани легенди и кукулекања дека не им се дало простор нивното знаење да дојдат до израз.
Јас сум убедена дека токму тој технократски тотем кој со години се храни за сметка на „глупите и неспособни„ политички партии и политичари, токму тоа концептуално исмевање и вредносно омаловажување на конвенционалниот политички ангажман во политичките партии и во политиката е еден од факторите што ни го доведе на власт „технократот„ Груевски на власт со сиот сјај на неговата „технократска„ диктатура.
Се сеќавате ли колку сите нешто беа воодушевени дека големиот технократ со своите дебело платени домашни и странски експерти во владата, па со своите министри школувани и донесени од странство, се ќе смислат и ќе решат, се разбира, без потреба од дебата ( па кој тоа ќе ги доведува во прашање експертските мислења?!), а најмалку пак во Собранието исполнето саде со неписмени и глупи лаици од пратеници избрани од исто толку неписмени и глупави граѓани, дупло толку ако се опозициони!
Не, нам не ни требаат повеќе вакви-такви експерти и експертски влади, нам ни треба старомодното решение од развиените западни демократии според кое политичарите не се технократи (дури и да се по образование и вокација!), туку лаици-демократи со километража во (партиската) политика, опкружени со вистински професионални партиски и државни бирократии и технократии кои се таму да ги асистираат и советуваат.
4. НАШИТЕ ЕКСПЕРТИ „НЕМААТ ЖИВЦИ„ ЗА РЕАЛНОСТИТЕ НА (ДЕМОКРАТСКАТА) ПОЛИТИКА И ПРОЦЕСИ.
Многумина кај нас, особено учените експерти, не знаат или не сакаат да прифатат дека светот на демократската политика не е свет во кој само знаењето е релевантно, уште помалку секогаш пресудно. Верувајте, така е дури и кога велат дека го знаат сето тоа. Тестирајте ги на конректни случаи.. Едноставно, на многу технократски глави не им влегува во анализите, проекциите и ставовите дека светот на (демократската!) политика е и свет во кој се важни и индивидуалните и групните интереси (ауууу, брука и срамота, колку приземно!). Исто, дека се битни и вредностите и убедувањата на луѓето кои може и да немаат врска со некаква научна заснованост (идеолошки, морални, религиозни, итн.), ма дури и да се до степен на „магарето лета„.
И дека сите учени и рационални аргументи одат во барабанот на „еден човек-еден глас„ заедно со оние другите, спротивните. За секоја позиција треба да се бориш, убедуваш, разубедуваш, споредбеното демократско искуство кажува, некогаш и со години и декади изборни циклуси. А да, додајте ги и т.н односи на сили и гласови (нели, демократијата е и процедура!) а никако не ги заборавајте неизбежните материјални и финансиски ресурси за остварување на било која „фина идеја„ со научно или експертско педигре.
Како и секаде, така и кај нас, политичарите можеби не се најучените и најобразованите во земјата, но практичното политичко искуство во партиско-политичката работа, на теренот, низ изборните циклуси, итн., ги учи на „занаетот„ на политиката, на „метафизиката„ на политичките процеси и одлуки, кај да се нагази, што да се прави на фази, што да се одложи,што поминува, што нема да фати корен, која цел на кој начин најопимално може да се постигне, се знае секоја дупка на теренот, географски и политички, скоро во сон и со ментални слики. А кажав ли дека политичарите подобро знаат како дише граѓанството, независно што велат и сакаат да мислат и да си замислуваат нашите експерти за тоа?
Во една прилика, како пратеничка имав средба со амбасадорка на една од најразвиените европски демократии и во неврзаниот дел од разговорот ми рече дека политичарите ја воодушевувале, дека и она едно време сакала да биде политичарка, ама сфатила дека го нема „талентот„ и „инстинктот„. Кога ја замолив да ми елаборира, ми раскажа како со години работела како експертка-советник во парламентот на својата земја и дека речиси во однос на секој закон или политика почетно си мислела дека пратениците/политичарите појма си немаат и трескаат глупости за на крај да сфати како тие, низ сите тие исцрпувачки, лаички и фрустрирачки расправи (особено за неа како експертка), преговарања, кроења, договарања, на крајот успевале да дојдат до решение за кое отпосле и самата се воодушевувала како го скроиле и како навистина последователно се покажувало за покорисно за граѓаните, многу подобро отколку ако цврсто се држеле до нејзиното експертско мислење и совет.
Не знам како, ама секогаш знаат на крајот да ја погодат целта, речиси инстинктивно, заврши амбасадорката. Секако, тие „таленти„ и „инстинкти„ што се негуваат низ политичкото искуство може да се користат и за правење лошо и за правење добро во политиката, но, едноставно, им нема замена. Да беше поинаку, технократијата а не демократијата ќе беше владејачки политички режим во развиениот свет.
5. НАШИТЕ ЕКСПЕРТИ ЛАТЕНТНО ИЛИ ОТВОРЕНО НЕГУВААТ И ШИРАТ ПРЕЗИР КОН ПОЛИТИЧАРИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, ПОЛИТИКАТА, ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОЦЕСИ.
Тоа е веќе очебијно колку многу, дури и од оние кои од уста не ја вадат демократијата. Секако, тоа „на втора„ го правдаат и доквалификуваат со појаснувања дека мислат на нашите политичари и партии во реалноста, нели колку се лоши, вакви-такви. Со следење на дебатите, но и искуствено, сум заклучила дека тој презир не им е само „од втора„, туку и „од прва„, имено, вредносна позиција и проекција, а кај некои дури и е психолошка профилираност (како сега јас вака супериорно образована персона имам помала општествена и друга моќ од некој си ти таму шуша во политиката, ма колку и да е избран на избори а јас не?
А ако пак шушите од политиката се погоди да се исто толку образовани, презирот може да премине и во огромна иритираност и нетрпеливост оти се губи и чувството на образовна супериорност). Ако земат да се анализираат низа закони, политики, проекти и предлози што ги предлагаат многу од експертите кои негуваат ваков свесен презир , а некои и несвесен, тие сите заедно имаат заеднички концептуален именител – „операција на исмукување на одлучувачката моќ од демократската изборна и одговорна политика и нивно префрлање на технократски тела и технократи„.
Во други прилики нашироко сум го аргументирала, но овде само ќе го споменам мега-примерот за големоекспертскиот концепт за „независно судство„ што ни го тутнаа во мојот пратенички мандат. Со него, домашните и белосветските експерти ја истргнаа од Собранието не само номинациската функција во однос на судскиот совет и судиите, туку и изборите и разрешувањата на оние кои треба да судат „во име на граѓаните„ а кои претходно беа јавно дебатирани и гласани на ниво парламентарно мнозинство-парламентарна опозиција.
Со тоа судиите од посебен столб на власта (избран посредно од граѓаните преку нивните избраници) се претворија во понизни бирократчиња-технократчиња, најнетранспарентно селектирани и бирани од едно кобајаги технократско судиско тело кое демек судиите самите си го избрале (ваљда експертите ги засметале судиите за граѓани во уставното значење на клаузулата за граѓаните како суверен од кој извира сета власт?!).
И така, судството се оттргна од големата, транспарентна и демократска политичка игра на суверенот и неговите преставници, демек да се оттргна од „канџите на политиката„ а всушност се изроди нашиот судски „монструм„ , на моменти неодговорен башибозук на кој граѓанството ништо не му може директно или преку своите избраници, на моменти измеќар на најтесен круг политички господари кои сето тоа го договараат по телефони и затворени врати, без никаква „импровизација„ во рамки на некакви си таму парламентарни координации и секако не пред очите на два милиони народ вперени во големиот собраниски пленум.
Ич муабет да не правиме како со сето тоа се исмука и голема моќ на Собранието, а потоа со дополнително слични такви законски „проекти„ на кои кумуваа разно-разни „експертизи„ ефективно се губеше една по друга собраниска надлежност, за на крај да биде и лесно и дефинитивно умртвено на 24 декември 2012, богами и без некое страшно потресување од страна на многумина граѓани Па каква моќ имаат тоа пратениците, па нешто да им се битни?
Заради вакви експертски марифетлуци и презири кон целината на демократскиот политички процес јас се плашам дека експертите од евентуалната експертска ни влада да не ни смислуваат и протнуваат решенија кои наместо да ја зајакнат демократската политичка компонентна во системот, уште повеќе ќе ја исмукаат. Се разбира, се во име на тоа да се намали моќта на презрените политичари и партии.
6. НАШИТЕ ЕКСПЕРТИ ВРАТА НЕМААТ ВИДЕНО НА ПОЛИТИЧКИ ТЕРЕН, ПАРТИИ, ИЗБОРИ, ПОЛИТИЧКА И ДРЖАВНА МАШИНЕРИЈА.
Нормално, повеќето ќе негираат, па дури и ќе се навредат од тезава. Тие демек следат, истражуваат, знаат, додуша најчесто како е во некои други држави каде нивни колеги истражиле се и емпириски, ама за нивен контекст. Значи не баш како што е во западните политиколошки истражувања и експертизи кои и те како се трудат да ја разберат статиката и динамиката на политичарите и политичките партии од нивна гледна точка.
Напротив, нашите најчесто не можат да го скријат споменатиот презир, предубедувања и тези за кои гледат да најдат „влако„ за поддршка во „темелните истражувања„ а скраја да е, тоа да биде со земање во предвид на сите фактори и варијабили од објективната и субјективната страна и контекст на политичарите и партиите. Освен, се разбира, ако не се работи за нешто оцрнувачко, некој напуштен, разочаран или избркан член или функционер подготвен да фрла дрва и камења.
Натаму, што правиме со стресот и адреналинот во практичната политика? Динамиката? Заморот? Притисоците? Критиките? Плукањата? Тремата од јавен настап? Раководењето и командувањето на огромен број на луѓе во државната машинерија, секакви ликови од бирократијата? Нивните можни субверзии и диверзии, да препознаеш манипулација и кога се обидуваат да те стават на „возење„? Трпението на секоја „шуша„ да му се објаснуваш, убедуваш и разубедуваш а ти толку учен експерт/ка ?
Се согласувам со укажувањето на професорот Фрчкоски кога во емисија на НОВА ТВ со Биљана Секуловска пред некој ден кажа дека тоа треба да бидат „жестоки министри„. Јас богами би рекла „ламји со пет глави„ , а такви некако сум скептична дека се негуваат во експертските кругови, едноставно институционалната поставеност и работниот процес не е така поставен за да се негуваат такви „таленти„ и „инстинкти„.
Во најмала рака, дури и ако владата бидне експертска, треба да биде составена од луѓе кои имаат претходно релевантно искуство на работа во и со државната или политичката машинерија. На пример, јас не би ги отфлила ниту експертите кои биле порано во политиката, особено како министри во владата, но доволно дистанцирани од актуелните политички текови, поранешни амбасадори и сл.
7. ИНТЕГРИТЕТОТ (ЧОВЕЧКИ, ПОЛИТИЧКИ, ЕКСПЕРТСКИ) Е ИНДИВИДУАЛНА ОСОБИНА И ДОБЛЕСТ.
Искрено, не знам зошто ова кај нас не е јасно како во цел нормален свет?! И зошто толку предрасуди, предубедувања и калупи, било негативни (за тие во политиката), било позитивни (за тие од експертските кругови) или главно негативни за „транзитните„ (експерти кои имале/имаат политички ангажман од некој вид).
Да парафразирам од една една мудра мисла (If you haven’t got it, you can’t show it, if you have got it, you can’t hide it) – ако имате здрав и цврст интегритет, никој не може да ви го одземе ниту пак да го скриете, дури и да сакате, посилен е од вас. Ако пак го немате, ниедна позиција, политичка или експертска, нема да може да ви го проектира, создаде или даде. Се другото е само контекст на манифестирање на имањето или немањето интегритет.
А кога сме веќе кај интегритетот, во опцијата експертска влада, само не ми кажувајте дека предност би имале експертите-ќутолози, експертите-неутралци, експертите-ништо не гледам и не слушам и експертите-немам став! Оти тие се самата дефиниција за немање интегритет да си ја бранат експертизата во услови кога речиси нема поле на експертиза што не е предизвикано и посипано со пепел и во услови кога не ти ни треба експертиза за да знаеш дека е целосно урнисан уставот на земјата во сите сфери на општествено живеење.