За да добие работно место во скопската општина Гази Баба, Македонка декларативно се запишала како Албанка, неофицијално дознава „Фокус“.
Според документите со кои располагаме, извесна Г.Т., која по националност е Македонка, во апликацијата за работно место „ Советник за заштита и спречување од загадување на подземни води и површински води и вода за пиење“ во делот за општи податоци навела дека по припадност е Албанка.
Документите уште покажуваат дека таа живее во Гази Баба, од каде што е и објавен огласот за вработување во кој се бараат пет службеници во општината, од кои тројца Албанци, еден Ром/ка и еден Македонец/ка.
Конкретно, и во самиот оглас е наведено дека за ова работно место треба да конкурира Албанец/ка. Но, сепак работата ја добива Македонка, која во апликацијата напишала друга националност, поточно таа која се барала во наведениот оглас.
Самата апликација, со која конкурирала е бодувана со 20.25 бодови, а како очекувања од работата навела напредување и усовршување во кариерата и тимско работење.
Огласот официјално бил објавен на неколку портали на 30 април, годинава.
Според нашите информации, Г.Т. е блиска до опозициската партија, од чии редови доаѓа и градоначалникот на општината.
Нашите извори уште тврдат дека на истиот оглас конкурирал Албанец, чие име и е познато на редакцијата, но сепак одлучивме неговиот идентитет да остане анонимен.
Во неговата апликација, каде конкурира за истото работно место се наведуваат причините поради кои аплицира за конкретното работно место.
„Живеам во блиску до општината. Ја сакам природата. Инаку, по струка сум обезбедувач и имам лиценца за работа. Ја сакам работата. Татко сум на две деца и имам потреба од работата“, се наведува во апликацијата на кандидатот Албанец, кој конкурирал за истото работно место.
Во документите може да се забележи дека тој добил одговор дека неговата апликација е одбиена поради некомплетна документација.
„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со првиот човек на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој го контактиравме и по телефон и му испративме порака на вибер, за да ни објасни како се случило во апликација одредено лиде да биде наведено како Албанка, а по националност е Македонка и дали добивањето на работното место е причината за ваквата одлука?
До објавувањето на текстот, од градоначалникот на општината не добивме повратни одговори.
Ирена Мулачка