Македонските одбојкари загубија од Албанија

by Fokus

Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација загуби од селекцијата на Албанија во својот трет натпревар во Европската сребрена лига.

Албанците триумфираа со 3:1 во сетови, ривалот го доби првиот сет со 25:23, па израмнивме на 1:1 откако вториот сет го освоивме со 25:20. Во третиот сет гостите доминираа (25:17), иако неколку пати имавме предност од два поени. А четвртиот сет го добија противниците со 25:22, иако имавме добра шанса да израмниме повторно во сетови. Трипати доаѓавме до четири поени предност, но Албанија која имаше и одличен сервис во текот на мечот се врати и на крајот ги постави конечните 3:1.

Тоа е втор пораз за избраниците населекторот Ратко Павличевиќ во рамките од групата „Б“ во која денеска се одигра уште еден меч, Романците го запишаа и третиот триумф откако дома со 3:0 беа подобри од Босна и Херцеговина.

На табелата води Романија со 8 бодови, пред Македонија и Албанија кои имаат по четири, а последна е БиХ со два.

 

Поврзани новости