За барокната гаража во Центар се потрошија дополнителни 815.000 евра

by fokus

Овој раст на вредноста на гаражата го покажуваат податоците објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки. Првично, на крајот на 2011 година, градежната фирма Гранит АД објави инфорамција дека од инвеститорот Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор е ангажирана за изградба на катната гаража за сума од 4,4 милиони евра. Според склучениот договор, работата требало да биде завршена во рок од една година. Но, оттогаш, меѓу инвеститорот и градежната компанија се склучени уште три договори без претходно објавување на оглас.

Првиот анекс е склучен на крајот на 2012 година, во вредност од 318.898 евра кои биле потребни за дислокација на водоводната мрежа, машинско кршење на темели, ѕидови и плочки, и уште неколку градежни работи.

Вториот анекс, склучен во „четири очи“ е наредната година.Овој пат биле потребни дополнителни 82.575 евра, за како што се наведува во објаснувањето „вишоци и непредвидени работи во градежниот дел и тоа бетонски работи, тесарски работи, изолаторски работи и машинско сечење на армирано бетонски платна“.

Денеска, пак, осамна нов анекс, кој бил склучен во мај годинава. Вредноста на договорот е 414.439 евра, кои биле потребни за „бетонски, зидарски, тесарски, лимарски, изолаторски, браварски, алуминиумски, фасадерски, подополагачки работи, машински и хидроинсталанции“, се наведува во договорот.

Оваа катна гаража треба да обезбеди 280 паркинг места. Објектот ќе има висина од 29 метри и површина од 8.222 метри квадратни.

 

Поврзани новости