ЗНМ: Зачудува одлуката на Уставниот суд да не дозволи снимање

by Фокус

Здружението на новинарите на Македонија жали за постапката на Претседателката на Уставниот суд на Македонија Елена Гошева која на вчерашната седница на Судот одлучи да ја затвори расправата за снимателите, се вели во денешната реакција на организацијата.

„Зачудува фактот дека една долго воспоставена позитивна пракса за следење на расправата со сниматели е прекината со едно нелогично образложение дека снимателите ја попречуваат работата без притоа Претседателката на Судот да објасни на кој начин снимателите одеднаш станаа пречка за работењето на Судот. Исто така, Претседателката на Уставниот суд не објасни на јавноста дали оваа Одлука е донесена од страна на неа лично или за истата гласале мнозинството судии и на кој член од Деловникот на Уставниот суд оваа Одлука се однесува.
Ова предизвикува сомнеж дека Претседателката Одлуката ја донесе заради тоа што е вознемирена од силните критики кои дојдоа од медиумите за претходната Одлука на Уставниот суд за бркањето на новинарите од собраниската галерија од 24 декември“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Оттаму велат дека не е добро токму кога Македонија се соочува со силни критики за ниското ниво на слобода на изразување и слободата на медиумите Судот кој е најповикана институција да ги штити основните со Устав загарантирани слободи и права да ги затвора вратите за камерите.

„Очекуваме дека Претседателката на Уставниот суд ќе ја преиспита оваа Одлука и во името на досегашната коректна соработка на новинарите и снимателите со Судот ќе ја врати воспоставена позитивна пракса која овозможува целосна транспарентност на работата на Судот“, додаваат од ЗНМ.

Поврзани новости