За 7 месеци казнети 704 возачи во тетовско кои не носеле појас

by fokus

Заклучно со минатиот месец, полициските службеници на СВР Тетово во тетовскиот регион изрекле вкупно 704 мерки за појаси, кои биле заокружени со соодветни поднесоци, согласно член 24 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово (СВР Тетово).

– Имајќи ги предвид овие состојби, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите задолжително да ги употребуваат, односно да ги врзуваат сигурносните појаси подеднакво, и кога се движат на подолги релации, но и низ градските улици, бидејќи станува збор за мерка насочена најмногу на нивната лична безбедност како и за безбедноста на другите во возилата. Користењето на сигурносните појаси е пред сѐ законска обврска, но факт е и дека тие значително влијаат какви ќе бидат последиците од можните сообраќајни несреќи. Секое нејзино непочитување повлекува санкции, без разлика дали станува збор за возач или патник на предното или задното седиште, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

СВР Тетово неделава на поширокото тетовско-гостиварско подрачје започна планирани активности во рамки на сообраќајната воспитно-едукативна кампања, при што на возачите им се делат флаери со пораки и совети за задолжително користење на сигурносни појаси во возилата, во функција на поголема безбедност на возачите и сопатниците.

Флаерите содржат и појаснувања, кога и за што да се употребуваат појасите, како и потсетување на законските санкции за неисполнување на оваа законска обврска.

Поврзани новости