За 5 години: 33 убиства од семејно насилство, засолништа нема, државата не штити, насилниците не се гонат

by irena 13:02
13:02

Во последните пет години, во Македонија се регистрирани 33 убиства поврзани со семејно насилство, што ја отвора темата за сериозни системски пропусти во заштитата на жртвите. Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за спроведувањето на Истанбулската конвенција покажува дека институциите не обезбедуваат ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

Овој извештај се разгледуваше на собраниската Комисија за еднакви права на мажите и жените, каде заклучокот беше дека е потребно да се преземат итни мерки.

„Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени  52 активности. Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно   реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Учество на активности според статус во вкупно предвидени активности.“ стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Од 52 предвидени активности во Акцискиот план за 2018–2023 година, реализирани се само 22, додека 20 не се спроведени, а 10 се делумно реализирани.

„Во Акцискиот план за имплементација на Истанбулската конвенција предвидени се вкупно 52 активности за ефикасна превенција и заштита на жртвите на семејно насилство, но од нив реализирани се 22, не се реализирани 20, додека 10 се делумно реализирани. Специјализирана програма за психосоцијален третман за сторители на семејно насилство не е изработена и донесена, што влијае врз квалитетот на целокупниот систем за превенција и заштита на жртвите. Од буџетот на државата не се обезбедуваат средства за континуирана професионална едукација за издавање и обновување на лиценца за стручните работници, вработени во јавните установи. Надлежните институции кои се задолжени за спроведување на мерките за превенција, спречување и заштита на жртвите поради недоволен стручен кадар и неизвршена специјализација на работи не ги преземаат сите потребни неопходни мерки за поголема координација, соработка, евалуација, следење, итност на постапките и спроведување на дадените мерки“, стои во извештајот.

Како една од главните забелешки се наведува недоволната вклученост на граѓанскиот сектор во подготовката на законските измени, непотполното криминализирање на психичкото насилство, како и тоа што гонењето за телесна повреда сè уште зависи од иницијатива на жртвата, наместо да се врши по службена должност.

Кривичниот законик предвидува дека гонењето за телесна повреда се активира само по барање на жртвата, што е во спротивност со Истанбулската конвенција која предвидува проактивно постапување без потреба од иницијатива на жртвата. Ревизорите предупредуваат дека ова ја зголемува ранливоста на жртвите, кои често се приморани да ги повлечат пријавите поради закани или притисоци, што го зголемува ризикот од повторување на насилството.

Во областа на засолништа, стандардите предвидуваат едно легло за секои 10.000 жители, или вкупно 184 легла во државата. Податоците покажуваат дека моментално се достапни само 67 легла (37% од потребното), од кои 48 се во Центрите за социјални работи, а 19 во невладиниот сектор. Што се однесува до советувалиштата, потребни се 19, а воспоставени се само 11 (59%), со нерамномерна територијална распределба и дел од нив не функционираат, што ја намалува ефективноста на системот за заштита.

Според податоците од МВР, во периодот 2018–2023 година се евидентирани 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство – 61% телесна повреда и 35% загрозување на сигурноста. Сторители биле 6.423 лица, од кои 5.864 се мажи, а 559 се жени, додека жртви биле 6.663 лица, од кои 5.266 се жени, а 1.397 мажи. Во истиот период се евидентирани и 2.347 прекршоци, при што бројот на сторители е 2.670 лица (2.225 мажи и 445 жени), а бројот на жртви 2.735 (1.455 жени и 1.280 мажи).

Недостигот на квалификуван кадар, непополнетите систематизирани работни места и инфраструктурните ограничувања влијаат врз функционирањето на Центрите за социјални работи и врз целокупниот процес на заштита на жртвите. Ревизорите укажуваат дека без интегриран систем за евиденција и ефективна меѓуинституционална соработка, заштитата на жртвите останува ограничена.

Претседателката на собраниската комисија, Гордана Сиљановска-Давкова, истакна дека извештајот го открива системскиот проблем и дека е неопходна реална заштита на жените.

„Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Конвенцијата. Моите клучни препораки се итно донесување на Националната стратегија 2026-2033, проширување на мрежата на засолништа, обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите, воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри, вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука, како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот мора да се заостри“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа посочи дека казнената политика за семејно насилство и фемицидот треба да се заостри.

Македонија беше меѓу првите земји што ја потпишаа и ратификуваа Истанбулската конвенција, со обврска да обезбедат институционална, законска и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите и казнување на сторителите. Сепак, бројките и констатираните слабости покажуваат дека имплементацијата на Конвенцијата сè уште не е ефективна.

С.Т

Слични вести