Вучиќ: Повеќе од 500 луѓе биле жртви на рекет, а ниту еден криминалец не е уапсен

by irena 15:35
15:35

Александар Вучиќ денеска изјави дека во Србија не е уапсен ниту еден криминалец за рекетирање, иако, според податоците со кои располага, повеќе од 500 луѓе биле жртви на рекет.

„Околу половина од нив платиле рекет, а половина не. Станува збор за луѓе од различни професии и дејности. Ниту еден случај пријавен во полицијата не е решен. Ќе ви откријам уште еден детал – сопственик на ресторан пријавил дека член на некој клан побарал од него да плати 500.000 евра. Постои само службена белешка, тоа е сè. Пет минути откако го пријавил случајот, добил порака на телефон: ’Е па, штом си пријавил во Управата за криминалистичка полиција (УКП), сега не ни должиш 500.000, туку еден милион‘“, рече Вучиќ, додавајќи дека тие криминалци не биле уапсени.

Тој посочи дека, од друга страна, 20 лица биле приведени на информативен разговор, откако некој пријавил дека се уништуваат документи во просториите на Автономната Покраина Војводина.

„Знаете ли колку од тие исечкани хартии се пронајдени досега, од над 400 пријави? Нула. Ниту една, нула. Наместо да апсат криминалци и рекетари, тие ’уапсија‘ контејнери и непостоечки документи. Некој треба да ги научи дека имаме електронска управа, дека сè се одвива во електронска форма веќе подолго време и дека не може да се скрие никаква трага – тоа е невозможно. Сè што ќе остави електронска трага, таа трага останува. Невозможно е да се избрише“, изјави Вучиќ.

Слични вести