Аргентинецот Маурисио Покетино ќе го преземе тимот на Манчестер Јунајтед штом клубот ќе се раздели со актуелниот менаџер Мајкл Керик.
Англиските медиуми пренесуваат дека е само прашање на време кога поранешниот менаџер на Тотенхем и Челси, а актуелен селектор на САД, ќе договори соработка со овој клуб.
„Маурисио Покетино е подготвен да ја прифати понудата на Манчестер Јунајтед и да стане нов тренер на тимот“, пишува Би-Би-Си (BBC).
По десет кола во Премиер лигата, Јунајтед се наоѓа на катастрофалното 18-то место, со само една победа, пет нерешени резултати и четири порази, како и негативна гол-разлика (14:19). Ова е најлошиот старт на тимот уште од сезоната 1986/1987.
За Покетино, заминувањето во Јунајтед значи и крај на соработката со Фудбалската федерација на САД. Тие ќе останат без искусен стручњак и предводник на националниот тим кој постојано напредува, но едностраниот прекин на соработката ќе биде повеќе од солидно компензиран.
Јунајтед ќе им исплати на Американците 10 милиони евра како отштета за Покетино.
Во август, Покетино потпиша нов договор со Фудбалската федерација на САД.
Проблемот за Американците е тајмингот во кој се одвиваат работите околу Покетино, бидејќи националниот тим треба да одигра два натпревари против Хаити, на 14 и 18 ноември, во рамките на Лигата на нации. Многу лесно може да се случи тимот на тие два натпревари да биде лишен од присуството на Покетино на клупата.
Интересно е што „Јунајтед“ и претходно, во три наврати, се обиде да го ангажира Аргентинецот: првиот пат во 2018 година (кога тренер беше Мурињо), потоа во 2022 година (пред клубот да се одлучи за Тен Хаг), а третиот пат е сега.
Што се однесува до Керик, се очекува тој официјално да биде разрешен од должноста главен тренер денеска, по состанокот на раководството на клубот во Монако.
За Покетино, ангажманот во „Јунајтед“ ќе значи и враќање во Премиер лигата, каде што се афирмираше како тренер на „Саутемптон“ (2013), потоа пет години на чело на „Тотенхем“ (од 2014 година) – со кого стигна и до финалето во Лигата на шампионите – а подоцна и на „Челси“.
Во периодот помеѓу „Тотенхем“ и „Челси“, тој беше тренер на „Париз Сен Жермен“.