Нашите минатогодишни претставници на Евровизија, Бојан и Марија од ,,Ај кју” ја продаваат модната креација со која Марија настапи на манифестацијата и официјално се закити со наградата Барбара Декс, која секоја година традиционално им се доделува на најлошо облечените претставници на Евросонг.
Станува збор за сако – фустан, кое го изработи модниот креатор Алек Билбилоски од Охрид, а истиот е огласен на страницата eBay . Цената по која се продава неславното парче облека е 5.000 долари, плус 127 долари интернационален транспорт.
,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со Бојан Трајковски, фронтмен на дуото, со цел да дознаеме дали информацијата е вистинита и што ги натерало на тој чекор, или пак некој се обидел да си поигра на нивна сметка, но не добивме одговор на нашите прашања.
Инаку, објавата од eBay е споделена и на официјалната страница на ,,Ај кју”. ,,Ај кју” со наградениот аутфит настапија на Евросонг во Лисабон, Португалија, со песната ,,Lost and found” и не се пласираа во финалето, односно се најдоа на претпоследно место на првата полуфинална вечер, но затоа пак ни го донесоа првото место на БДА.
Станува збор за наградата Барбара Декс, која што уште од 1993 година им се доделува на најлошо облечените учесници на Евровизија. Самата награда го носи името според белгиската претставничка на Евровизија за 1993 година, Барбара Декс, која што тогаш го шокираше светотот со фустанот кој сама го креирала за настапот. Тоа не беше прв пат нашата земја да се закити со БДА. Во 2005 година, истата титула ја доби и тогашниот претставник на Евровизија, Мартин Вучиќ. И тој, како и Марија, настапи во сако со розева боја.
Вики Клинчарова