Скопското обвинителство денеска поднесе обвинителен предлог за насилникот кој ја нападна новинарската екипа која појде да го снима живеалиштето кај што е пријавен Украинецот Олександр Онишченко кој доби македонско државјанство иако е на црната листа на САД.
Од Кривичниот суд информираат дека на осомничениот му е продолжен куќниот притвор за 30 дена.
-Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлогот на ОЈО – Скопје за продолжување на мерката куќен притвор за М.П., за кој постoи основано сомнение дека сторил кривично дело Насилство од чл. 386 ст. 3 в.в. со ст. 1 од КЗ, а поврзано со вербалниот и физички напад на новинарската екипа на ТВ 24, советот го прифати предлогот и ја продолжи мерката куќен притвор за 30 дена, информираат од Кривичниот суд.
-Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом, информираат денеска од Јавното обвинителство.