За 1,8 милиони евра фирмата донатор на ДУИ ќе го адаптира СЦ „Борис Трајковски“ за конференција на ОБСЕ!

by fokus

Градежната фирма „Еуровиа“ од Желино го доби тендерот од Министерството за надворешни работи за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ која ќе се одржи во Скопје. Договорот е склучен на 21 август, а работниците веќе започнаа да работат во „Борис Трајковски“.

Тендерот е во вредност од 1,8 милиони евра, a според документацијата, предмет на тендерот е „Набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во функција на одржување на Конференцијата на Министерскиот совет во рамки на претседавањето на Република Северна Mакедонија со ОБСЕ, во декември 2023 година“.

Јавната набавка е спороведена како отворена постапка без електронска аукција, а единствен критериум била најниската цена. На тендерот се пријавиле вкупно четири компании и избрана била „Еуровиа“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер од ДУИ, Абдулаќим Адеми, но и фирма која лани, заедно со нејзиниот сопственик, беше најголем донатор на ДУИ.

„Фокус“ пишуваше за оваа фирма во мај годинава кога го доби тендерот за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром. Вредноста на набавката чии носител беше МВР на министерот Оливер Спасовски изнесуваше нешто над 2 милиони евра.

Исто така, сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.

Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари. Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.

Во јули годинава пак, ДУИ назначи нови претседатели на ограноци по внатрепартиските непосредни избори. Едно од имињата беше и Ељдин Адеми (или Елдин при буквална транскрипција од албански јазик), кој стана шеф на огранокот на ДУИ во Јегуновце. Името и презимето се поклопува со вториот сопственик на компанијата „Еуровиа“.

К.С.Б.

Поврзани новости