Четири пожари беснеат во моментов во Кавадаречко, од Територијалната противпожарна единица Кавадарци ја потврдија информацијата за МИА.
– Гори над селото Ваташа, таму има две наши и една екипа од „Македонски шуми“. По една наша екипа гасне и кај Фариш и Росоман. Пламените јазици се движат кон првите росомански куќи. Под ридот Љубаш кој се смета за бели дробови на Кавадарци, интервенираат од „Македонски шуми“, нагласи Александар Чадамов, командир на единицата.
Додаде дека активни им се сите расположливи ресурси, интервенираат дваесетина лица, а во гаснењето учествуваат и пожарникари кои не се на смена.
Апелира за подигнување на еколошката свест кај населението, со цел да нема пожари и штети.
Петко Ристовски од „Македонски шуми“ посочи дека континуирано има многу пожари во регионот. Апелира на внимателност затоа што сувата трева е како барут.