Во вчерашниот говор одржан во Шешмево, на митинг на ДУИ по повод изборната кампања, функционерите на партијата им порачаа на граѓаните да не дозволат повторно да се расцепкуваат, како што рекоа, гласовите на Албанците. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нагласи дека во 2001 година Албанците биле обединети да го подигнат својот глас поради игнорирањето на нивните барања.
-Сега, 16 години подоцна, овие предрасуди се надминати. Во тоа време мислеа дека ние сме луѓе од планина, диви луѓе, „калашниковци”, но ние докажавме дека колку што бевме „калашниковци”, толку сме луѓе на дипломатијата, на мирот, на стабилноста и интегративци – рече Ахмети.
Државата да ги решаваше проблемите на Албанците во тоа време, додаде Ахмети, конфликтот немаше да се случи.
-Бидејќи никој не сака војна, но го сакаме мирот. Албанците побараа знаме – вие ги убивте! Албанците побараа молив, не бараа калашников, бараа Универзитет – вие ги убивте! Со сила не оставивте на планина! – рече Ахмети потенцирајќи дека тоа поглавје е затворено и дека сега Албанците се сериозно ангажирани.
-Бидејќи оваа држава е и наша и сите треба да работиме и да придонесеме за наше и доброто на државата – подвлече тој.
Говорејќи за актуелните случувања во земјата, Ахмети рече дека меѓуетничките и добрососедските односи се предуслов за интеграција на Македонија во НАТО и Европската Унија. Во овој поглед тој изрази надеж дека наскоро ќе има компромис со Грција за затворање на прашањето за името на Македонија. Додаде и дека треба да се отстранат границите меѓу балканските земји како во Европската унија, во насока на зајакнување на мирот и стабилноста.