Уште пред неколку месеци група на пратеници од владеачката партија ги израдуваа пушачите и угостителите, кога поднесоа иницијатива за измена на ригорозниот закон за заштита од пушењето, поради влошената економска состојба на угостителите, но и поради честите обвинувања од страна на пушачите, кои се чувствуваат дискриминирани.
Но сепак, законот за заштита од пушењето сеуште е непроменет, а пушачите најверојатно и оваа зима ќе ги одбегнуваат кафулињата и рестораните.
За разлика од Македонците, кои во голема мера, поради високите казни за кршењето на законот, го почитуваат, нашите соседи, Србите, речиси воопшто и не го споведуваат. Во сите локали има истакнато знаци за забрането пушење, но димот излегува од секоја кафеана или ресторан.
Изминативе денови, дел од екипата на „Фокус“ престојуваше во Белград. Воочливо е тоа што кафулињата и рестораните се постојано полни, а весели гости со цигара во рака релаксирано ги испиваат своите пијалоци или пак вечераат, додека над глава буквално им стои натписот – Строго забрането пушење!
Во центарот на Белград, влеговме во елитен ресторан, со околу 50 маси. Внатре, сите маси зафатени, гужва, само една, сместена во ќош стои празна.
Радосни бидејќи начекавме слободна маса, се упативме кон неа, но келнерот веднаш не предупреди
– Таа маса е за непушачи и е единствената слободна за сега.
По нас доаѓаат и други гости, ја гледаат слободната непушачка маса, сместена веднаш до оние на кои се пуши, па велат- Добро, ние ќе почекаме надвор, додека се ослободи место. И излегуваат.
Додека од звучниците се шират звуците на Ѓорѓе Балашевиќ, расположените гости, помеѓу кои и деца, вечераат, пијат, никому не му смета димот од цигарите. Го прашуваме келнерот, како не се плашат од казните за пушење, а тој само се смешка и ни одговара
–Па ова е луѓе мои кафеана, не е болница. Тука се пие, пуши, се јаде, се слуша музика. И на инспекциските контроли им е јасно дека без пепелници на масите, ќе нема ниту гости. Затоа и не не задеваат, инаку ќе треба да ставиме клуч на врата. Ова ви е браќа македноци Балкан, ова е балкански стил на живот!
Додава дека кога на почетокот на 2016 година, бил донесен закон против пушење во Србија, според кој се воведува целосна забрана за пушење во јавни простории, угостителите биле затекнати. Дел од нив веќе инвестирале во современа опрема за вентилација, но сепак според новиот закон, пушењето било забрането во сите делови на рестораните и баровите, освен на летните тераси. Размислувале дали да ги затворат објектите, или пак да го игнорираат законот, и на крај се одлучиле за втората варијанта.
„Овој закон ја класифицираше Србија во европските земји кои имаат донесено слични закони во областа на пушењето. Ама, како што гледате, овој закон не е за нашиот менталитет. Овде се пушело и ќе се пуши. Подобро ни е да платиме казна од време на време, отколку да ставиме клуч на врата“ – појаснуваат вработените во локалот.
И додека Србите се доста храбри по ова прашање, Македонците поради стравот од високите казни, не се осмелуваат да стават пепелник во своите локали. Дури и поголемите локали, на чии тераси се пуши, изминатиов период заработија високи казни, бидејќи според прописите, дозволено било терасата да биде затворена само од едната страна. Доколу се затворени две или повеќе страни, па макар и со најлон, се ризикува да се спечали парична казна.
Во пресрет на зимската сезона, нашите угостители повторно ќе стравуваат поради слаба посетеност и намален промет, за што веќе во многу наврати се жалат и јавно апелираат, и им преостанува само да чекаат некои подобри времиња за нивната професија, но и за пушачите.
Вики Клинчарова