Државната комисија за спречување на корупција отвора нови предмети за судир на интереси при вработување на роднини на функционери. На денешната седница се разгледуваа случаи на непотизам од сегашната, но и за време на претходната власт. Меѓу точките на дневен ред се роднини и ќерки на судии, како и сопруги на поранешни и сегашни функционери.
Списокот е проширен за 42 нови имиња. На листата е Кристина Божиновска, сопруга на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски вработена во АЕК, Љубе Јанушев, татко на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на ЈСП, Игор Јанушев, како и за неговата сестра Верица Јанушева вработена во МВР. Потоа, за братучедите и вујкото на пратеникот Антонијо Милошоски.
На листата се најдоа и ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева, ќерката на судијата Реџепагиќ, како и роднини на членовите на Судски совет, советници во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.
Меѓу оние за кои ќе биде отворена постапка се и роднини на актуелни пратенци од владејачкото мнозинство. Против ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Полижани, ќе биде поведена прекршочна постапка бидејќи се уште не доставил анкетен лист за имотната состојба.