Пратеникот и лидер на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски, порача денеска на комисиската расправа за уставни измени дека ќе гласа за измените со цел спроведување на Договорот со Грција.
Тој наведе неколку причини зошто одлучил така велејќи дека во оваа земја законите се создадени за сите, но дека се применуваат само за сиромаштните. Но така, рече тој, не е во ЕУ.
-Уставот не е пишуван на камен, ова е голема шанса која не треба да се испушти. За прв пат нашите соседи се пријателски расположени кон нас, што не било така никогаш до сега. Почитувани пратеници не ни ставајте сопки на патот кон ЕУ, дајте да се договориме. Долги години сме во транзиција, повеќе одиме назад отколку напред. Сите други земји од регионот од напред, ние заостануваме. Да гласаме за НАТО и ЕУ. Овој Договор е за чисти души балкански. На големите патрити само едно имам да им порачам: „какви се тие патриоти за Македонија душа дава, а рака во буџет става“. Искрена препорака следете не нас Ромите ние знаеме да ги следиме најдобрите и вистинските сојзуници, овој пат сме со вистински сојузници – рече Ибраимовски.
Референдумот според него е успешен, но цензусот не е исполнет рече тој затоа што над 500.000 граѓани со право на глас се иселени. Проблемот, рече тој, е во избирачкиот список. Во Македонија, додаде, има околу 1.080.000 гласачи.
-Околу Каменос слушам дека немал да гласа. Каменос ќе гласа и оро ќе игра. Дел е од владата на Ципрас, не може да не гласа, референдумот ќе пројде во Грција. Дајте и ние домашната работа да си ја завршиме, да гласаме за уставни измени за мир во куќа – рече тој за министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос.