Инспекторот Илиевски открива: Директорот на ДПИ ми се закани, за министерот и заменик министерот добив молби да го прикријам случајот

by fokus

Просветниот инспектор за високо образование, Ѓорѓи Илиевски, напиша писмо до јавноста во врска со неговите записници и решенија, кои утврдуваат незаконитости на Тетовскиот универзитет. Тој претходно откри дека министерот за образование и наука Арбер Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во 2017 година, додека сѐ уште бил министер без ресор во Владата.

Покрај Адеми, Илиевски утврдил дека уште двајца актуелни државни функционери исто така незаконито напредувале во наставно-научни звања на Правниот факултет при ДУТ. Се работи за заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.

Инспекторот испрати претставка и до Антикорупциска комисија да го истражи случајот. Државниот просветен инспекторат преку соопштение се огради од неговите наводи.

Илиевски во отвореното писмо до јавноста вели дека директорот на ДПИ му вршел притисок да ги повлече записниците, а дека добивал и молби да ги сокрие случаите за министерот и заменик министерот.

Неговото писмо го објавуваме во целост.

„Не сум изненаден од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Африм Саљиу, со ваквото соопштение бидејќи тие ми вршеа притисок со закани да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија оти ќе трпам последици ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија. Таквите закани беа на одржаниот состанок на 10.05.2019 година во канцеларијата на директорот, каде што беа присутни колегите Предраг, Зоран, Весна, Христина, Даниела, Снежана. На таквите закани им беше одговорено од моја страна дека јас сум самостоен инспектор и на сето што сум констатирал се потпишувам и стојам зад тие констатирани незаконитости. Им одговорив дека сакам професионално и законито да си ја завршам мојата работна кариера. А за ваквите закани ќе бидат информирани сите домашни институции, странски амбасади, средствата за јавно информирање, како и Државната комисија за корупција. Тоа и го направив, запознати се сите. Тоа стои и во Претставката бр.12-2682/1 од 13.05.1019 година, како и во дополнителна претставка доставена до Државната комисија за спречување корупција за напред наведеното.

Само да ги потсетам претпоставените. Дали треба да се почитува и применува Законот за инспекциски надзор – Основните начела на инспекцискиот надзор, ќе го истакнам само член 8 кој го обврзува секој инспектор, цитирам: „Инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствијата кои треба да се преземаат при вршењето на надзорот, како и за мерките што ќе бидат изречени по извршениот надзор“.
Оттука произлегува и член 31 став 2 од Законот за просветна инспекција, цитирам: „Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во определен рок кој ги определува инспекторот, а тој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесување на решението“.

Од извршениот редовен инспекциски надзор, извршен на Државниот универзитетот во Тетово на 01. и 12.04.2019 година, на Правниот факултет од страна на моите колеги кои бевме на надзор 5 (пет) проверивме 33 досиеја во делот на наставно-научни звања на доценти, вонредни и редовни професори од страна на инспекторите беа констатирани законски пропусти, како и незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование и Законот за работни односи. Притоа се прибраа и целокупни документации кои ги поседувам и се предадени до Државната комисија за спречување на корупција на РСМ, како и доставена документација до кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Воедно, лично е запознат и министерот за образование и наука за неговата незаконитост која е констатирана за унапредување во наставно-научно звање доцент, како и за неговите интелектуални ангажирања кои добивале парични средства од универзитетот што е спротивно на Законот за високо образование, истото важи и за другите јавни функционери. Бев замолен да го прикријам целиот случај. Исто така, на неколку наврати ми се обрати и заменик-министерот за внатрешни работи, за кој исто така бев замолен да се сокрие овој случај.
Наместо да добијам поддршка од страна на директорот за таму каде што треба да се почитува законитоста. Тој подлегнува на некои според мене игри недостојни-непримерни кои најмалку ни се потребни сега кога тежнееме да се приклучиме до европските трендови и законитости.“

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование

Поврзани новости