Гаши ги условува уставните измени со амандман да не застаруваат кривичните дела на функционери

by Fokus

Партијата Алтернатива подготви предлог текст за уставен амандман со кој се предвидува никогаш да не застаруваат кривичните дела извршени од страна на избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, соопштија денеска од партијата.

-Со тоа што ние го врзуваме овој услов за гласање на уставните измени, само покажуваме колку е важно за нас да се бориме до крај овој уставен амандман да биде прифатен од сите страни. Не знам кој ќе биде епилогот дали ќе седнеме да се договараме. Алтернатива во никој случај нема да биде пречка за европските интеграции. Ќе мора да се бориме за тој процес до крај – рече претседателот на партијата, Африм Гаши, во интервју за ТВ24.

Од Алтернатива велат дека нивната цел е да се изгради уставен механизам, кој ќе ги адресира сите избрани и именувани функционери во законодавната, извршната и локалната власт, кои со незаконски извршување на службената положба, се стекнале противправна имотна корист.

Предложениот амандман ќе биде основа да се отвори можност со измени и дополнување со нов член 112-а во Кривичниот законик да се предвиди одредба со која евентуалните кривични дела сторени од избрани и именувани лица кои се категоризирани како кривични дела при злоупотреба на службената должност, никогаш да не застаруваат. Ова, како што велат од Алтернатива, подразбира и проширување на опфатот на конфискација на противправно стекнат имот, впишан на трети лица.

– Со овој амандман ќе се даде уставен основ за ревизија на сите правосудни постапки за поранешни или сегашни избрани и именувани лица, кои се прекинати заради застареност на евентуалната кривична одговорност. Со овој Амандман, впрочем ќе се излезе во пресрет на барањата на граѓаните за обезбедување на владеење на правото – додаваат од таму.

Поврзани новости