Србија ќе го зголеми бројот на луѓе на границата со Северна Македонија со цел да го намали бројот на нелегални влегувања во земјата, изјави денеска во Белград српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, по средбите со унгарски и австриски претставници за управување со миграциските процеси. Вулин по средбата изјави дека ова е начин за подобра контрола на миграцијата и нагласи дека нема да се градат нови прифатни центри, како и дека нема да има проширување на капацитетите.
Зборувајќи за усогласувањето на визната политика на Србија и ЕУ, Вулин изјави дека Србија таа политика најпрво ќе ја усогласи со оние земји од кои доаѓаат најголем број мигранти во Унгарија и Австрија. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијато, истакна дека нивната желба е мигрантската граница од српско-унгарската граница да се помести „кон југ“. Тој додаде дека поради оваа причина сакаат границата меѓу Србија и Северна Македонија да биде подобро обезбедена и дека Унгарија ќе помогне во тоа.