Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека истрагата на Србија за убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП на Косово, Оливер Ивановиќ, била многу бавна, „но напредува и очевидно некој тоа и го дојавува на Приштина, па паниката кај Албанците е уште поголема“.
Вучиќ пред новинарите во округот Бор, во рамки на неговата кампања „Иднината на Србија”, изјави дека е подготвен да застане пред „секој истражен орган” во Србија, нагласувајќи дека е грозна приказната од страна на приштинските власти за негова вмешаност во тоа убиство.
– Срам да ви е лажговци јадни. Секој убиец би го ставил зад решетки, никогаш да не излезе. Тие луѓе веројатно тргнуваат од себе си, знаат за што се способни и мислат дека и другите можат тоа да го прават, рече Вучиќ.
Тој додаде дека истите обвинувања ги слуша и од некои политичари во Србија.
– Веќе имаме некои сомневања, само бараме одредени потврди. Имаме многу сознанија добиени на чуден начин, индиректно, затоа што немавме право да вршиме увид. Нивниот обвинител во Приштина покажа некаков вид на професионализам, за разлика од овие нивни кои мислеа дека ќе се исплашам, рече Вучиќ.
Тој оцени дека приштинските власти го сметаат за „најголем непријател на независно Косово”.
– Не дозволувам Србија ниту да биде мала, ниту слаба и никогаш нема да дозволам некој да ја понижува, истакна Вучиќ.
Граѓанската иницијатива СДП од Косовска Митровица, пред чие седиште беше убиен нивниот лидер Оливер Ивановиќ, исто така се огласи денеска.
Тие по повод четиринаесетте месеци од убиството на Ивановиќ во соопштение наведуваат дека истрагата стои во место, извршителите на ова злосторство сé уште се на слобода и дека некој сака злосторството да се забошоти.
– Иако во јавноста сме сведоци на изјавите на некои амбасадори кои недвосмислено бараат откривање на убиството на Оливер Ивановиќ и властите поефикасно да работат во борбата против криминалот и корупцијата, ГИ СДП уште еднаш ги потсетува сите релевантни институции на обврската да се разјасни неговото убиство, се вели во соопштението, во кое се констатира дека политичарите од Белград и Приштина жестоко се обвинуваат.