Вучиќ се „жалел и негодувал“ за Косово, отфрла конфликт со НАТО

by Фокус

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва на ТВ Прва ја коментираше актуелната ситуација на Косово и настаните од 29 мај, при што истакна дека конфликтот го започнала косовската полиција, а не НАТО.

-Пред оваа емисија, пет советници кои се занимаваат со таа работа и чија должност е да ги посочат моите грешки, ми рекоа да не бидам пргав и да не бидам песимист. Мислам дека овие слики се ужасни и намерно избрани против Србите, бидејќи не покажуваат кој го започна конфликтот. Тоа не го започна НАТО, туку косовската полиција – рече Вучиќ.

Според него, сите на Запад знаат дека Приштина е виновна и дека Курти е виновен.

-Немаме што да добиеме од тоа, бидејќи тој знае дека што и да прави, Американците, Англичаните и Германците ќе бидат за зачувување на таканаречената независност на Косово и да не им дозволат на Србите да го загрозат територијалниот интегритет на Косово – додаде Вучиќ.

Вучиќ посочи дека Курти сака Србија и НАТО да влезат во конфликт, но, како што рече, тоа не е во интерес на Србија.

Косовската претседателка Вјоса Османи, пак, раскажа каква била нејзината средба со српскиот претседател Вучиќ во Молдавија. Таа тврди дека средбата имала информативен карактер и оти не станало збор за преговори, а била одржана на барање на францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

-Средбата дојде на инсистирање на европските лидери. Како претседателка на Косово, сакав да ја покажам конструктивноста што е доблест на нашиот народ и дека можеме да разговараме со сите. Не е првпат да се сретнам со Вучиќ на ваква средба. Морам да кажам дека оваа средба, која се одржа на инсистирање на претседателот Макрон и канцеларот Шолц, не беше преговарање, туку средба на која разменивме мислења. Вучиќ се жалеше и негодуваше и секако не ја кажуваше вистината – посочи Османи.

Поврзани новости