Српскиот претседател Aлександар Вучиќ најави средба со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на која, како што рече, ќе го праша кој може да влезе во Европската унија. Според него, ЕУ мора да одлучи за понатамошниот европски пат за земјите од Западен Балкан.
-Важно беше да се слушне од различни делови на Европа дека треба да се донесе некоја одлука во врска со нашиот регион. За мене беше многу важно в понеделник или вторник да се сретнам со Макрон – рече Вучиќ.
Тој додаде дека претставниците на ЕУ не можеле да дадат прецизни и јасни одговори за иднината на регионов.
-Кога зборуваат за реформите и кога ќе ги прашате што ако тоа го направиме, тие не знаат како да одговорат. Сепак, добро е што сите потврдија јасна и недвосмислена поддршка за европскиот пат на сите наши земји – посочи српскиот претседател.
Инаку, Вучиќ и Макрон неодамна оддржаа средба во Белград, по која францускиот претседател рече дека нема да има проширување додека не се случат длабоки реформи во самата ЕУ, по што беше ставена рампа за почеток на преговори со Македонија и Албанија.