Нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ денеска во Брисел.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
Двете делегации ја усвоија Декларацијата за исчезнати лица, а во тек се разговорите за Заедницата на српски општини (ЗСО).
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека статутот на ЗСО мора да биде прифатлив за двете страни и во согласност со европските стандарди.
-Управувачкиот тим ќе го претстави нацртот. Не знаеме што има во него, но тоа треба да биде почеток на процесот. На крајот треба да имаме статут кој е прифатлив за двете страни, и за Косово и за Србија, во согласност со европските стандарди. Тоа е првиот важен чекор, изјави Лајчак.
Тој повтори дека ЕУ не сака да создаде ЗСО врз основа на модел кој досега не бил тестиран во светот, туку врз основа на некои од постоечките европски модели.