Од Србија сите постојано очекуваат да го признае Косово, но не кажуваат дали земјата ќе добие членство во ЕУ до 2025 година, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на конференцијата „ЕУ и Србија: Заедничка судбина“, што се одржа во Белград.
– Сите очекуваат Србија да го признае Косово и што и се нуди на Србија? Еден ден можеби ќе биде дел од ЕУ. И која е вистинската понуда. Јас прашав: „Ако го решиме тоа, дали ќе бидеме членка“. Ми рекоа: „Прагматична личност сте, гледате какво е времето“, изјави Вучиќ на конференцијата на која учествуваше и поранешниот претседател на Европскиот совет и белгиски премиер Херман ван Ромпуј.
Како што јави дописникот на МИА, Вучиќ оцени дека Србија има уште многу да стори на својот европски пат, но дека секогаш кога станува збор за патот на Белград кон ЕУ, се поставува прашањето за Косово.
Вучиќ при тоа го праша Ромпуј кога Србија ќе биде членка на ЕУ, доколку Белград и Приштина изнајдат решение, на што белгискиот политичар изјави дека „ЕУ побарала нешто од Северна Македонија, сега треба нешто да и даде, а доколку такво нешто биде побарано од Србија, ЕУ би и должела“.
Осврнувајќи се на односот на меѓународната заедница, Вучиќ наведе дека актуелната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини „и ветила на Северна Македонија отворање на пристапни преговори по Преспанскиот договор“, но дека тоа не се случи.
– Ова го велам затоа што сите очекуваат Србија да го признае Косово, а се прашувам што и се нуди на Србија. Дека еден ден ќе биде дел од ЕУ …, изјави Вучиќ, по што го праша Ромпуј кога Србија ќе влезе во ЕУ? – Што и да ви кажам, не би ми поверувале, одговори Ромпуј.
Зборувајќи за косовското прашање, Ромпуј истакна дека градењето доверба е клучно за постигнување договор.
– Кога имате доверба, тогаш може да се постигне договор и покрај емоциите, нагласи Ромпуј, изразувајќи уверување дека ЕУ ќе помогне во градењето на таа доверба.
Во тој контекст, Ромпуј потсети дека спорот меѓу Грција и Северна Македонија траеше долго време и дека двете земји конечно дошле до решение преку градењето доверба, изразувајќи при тоа надеж оти ЕУ ќе го награди тоа.
Ромпуј истакна и дека ЕУ е клучот за мирот во Западен Балкан и дека целосен мир ќе се постигне откако земјите од регионот ќе бидат во ЕУ.