Симболичкиот граѓански суд на правдата „Трибунис Цивилис“ денеска го одржа првото заседание на кое тема беше убиството на Мартин Нешковски. За виновни поради прикривање на убиството беа прогласени Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Иво Котевски, Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер и Урко.
На првото заседание судија беше колумнистот Бранко Тричковски, обвинителка Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, а одбраната ја претставуваше новинарот од Фокус, Љубиша Арсиќ.
– Од доказите кои беа изведени пред овој трибунал, ги издвојувам следните факти:
Обвинетите Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Иво Котевски, Сашо Мијалков, Мартин Протуѓер и Урко, сите заедно се обиделе да прикријат кривично дело убиство, да влијаат на истрагата и да ги прикријат трагите и доказите за извршувањето на кривичното дело – рече Уранија Пировска, обвинителката на „Трибунис Цивилис“.
Адвокатот на обвинетите, Љубиша Арсиќ, на комичен начин ги изнесе своите заклучоци и рече дека одбраната не го признава овој суд.
-Одбраната не го признава овој таканаречен суд, ниту, пак, ги признава доказите за релевантни. Прибавените материјали од странски служби служат единствено за уценување, а ова е јасна меѓународна конспирација против успешните политики на власта. Одбраната е
убедена дека тука нема никаков случај, рече Љубиша Арсиќ.
На крајот, судијата Бранко Тричковски ја соопшти пресудата и ги прогласи за виновни обвинетите поради прикривање на убиството на Мартин Нешковски.
-За прикривање на случајот Мартин Нешковски, правно, политички и морално одговорни се Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Мартин Протуѓер, Иво Котевски, Урко, и Сашо Мијалков, кои се здружиле во обид да го прикријат убиството на Нешковски кое го извршило службено лице кое не било на должност во тој момент. При тоа МВР не водело законски пропишана постапка за собирање на докази за да се разоткрие сторителот и да се лиши од слобода. „Трибунис Цивилис“ очекува надлежните институции и судовите да преземат законски мерки во тој правец. Одговорноста на овие луѓе е и етичка, бидејќи како луѓе, актот на насилство го прават предмет на договор за политичка корист, со што се разорени пошироките општествени вредности за основните слободи и човекови права за фер судење и независна истрага, заклучи Тричковски.