Фирмата Секјуриком, чие име 17 години се наоѓаше на договорите со државните институции е дел од најобемниот случај на Специјалното јавно обвинителство, „Титаник“. Сопственикот на компанијата, австриецот Волфганг Гампер тврдеше дека неговата фирма работи според законите и прописите, а неколку месеци потоа, „Секјуриком“ се најде под истрага на Финансиската полиција и Специјалното јавно обвинителство.
Откако вчера конечно почна судењето за „Титаник“, Лиле Стефанова, обвинителката од тимот на Катица Јанева во обвинението кажа дека дел од „донациите“ биле префрлени на сметката на Секјуриком, Трансмет и уште една фирма. Со префрлените пари од „донации“, Секјуриком и другите фирми потоа ја плаќале кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Врската на Секјуриком со ВМРО-ДПМНЕ датира уште од 2002 година, кога премиер беше Љубчо Георгиевски, а министер за финансии Никола Груевски. Оваа фирма, чии услуги „случајно“ опфаќаат сите делови кои се бараат во огласот, е формирана истата година, неколку месеци пред тогашната власт да ги промени законите со што австриската компанија на голема врата влегува во институциите.
Тогаш Службата за општи и заеднички работи склучува договор со кој околу 500 нивни вработени се префрлаат во Секјуриком, а компанијата се обврзува да ги исполни сите услови како СОЗР, нешто што ни по 17 години не се случува. Првиот договор на СОЗР и Секјуриком е потпишан на 10 години, а при менување на законот се остава можност на местото на тие 500 вработени, во Службата за општи и заеднички работи да се вдомат илјадници партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2005 година, кога на власт е СДСМ на чело со Бранко Црвенковски, државниот ревизор го чешла договорот на СОЗР и Секјуриком, каде се наоѓаат аномалии, но не е покрената никаква постапка.
„Договорот за извршување на услуги помеѓу Службата и Друштвото за обезбедување и услуги Секјуриком Мултисервис Интернационал ДОО Скопје е склучен без да се изврши поширока, детална и компаративна анализа од која би се видела економската оправданост за корисникот на услугите во однос на поранешниот начин на извршување и финансиско теретење на буџетот на субјектот, а со тоа и на државата. Со договорот е предвидено преземање на 416 работници заедно со дел од опремата и деловните простории кои ги користеле работниците без надоместок“, стои во извештајот на државниот ревизор.
Бидејќи Секјуриком е единствената фирма која ги нуди пакет услугите кои се бараат во државните институции Службата за општи и заеднички работи повторно потпишува нов договор со истата компанија, овој пат со суми далеку повисоки од оние во 2002 година.
На тендерот во 2015 година кој го распишува СОЗР, како заинтересирани се јавуваат седум економски оператори меѓу кои и Секјуриком. За овој договор на Службата со австриската компанија, Финансовата полиција поднесе кривична пријава против тогашниот директор на СОЗР, Васе Доневски и сопственикот на Секјуриком, Волфганг Гампер.
Според Финансовата полиција, два од економските оператори кои се јавиле како заинтересирани претходно соработувале со Секјуриком, додека пак другите четири биле во сопственост на Гампер.
Освен местењето на тендерот со сигурни компании околу Секјуриком, неделивата постапка која била оформена е исто така противзаконска, а се со цел една компанија да може да го добие единствената компанија која ги има сите услуги.
Австриската компанија освен тоа ја следат низа скандали. Од фирмата за Фокус рекоа дека е нормално да ги приморуваат хигиеничарките да работат на две места за една минимална плата, а неколку месеци по ред им доцнат со исплата на вработените, со ветување дека „од наредниот месец исплатата ќе се нормализира“.
Александар Тодески