Професорката Јована Стефановска од Ветеринарниот факултет во Скопје во изјава за Канал 5 рече дека вирусот конго-кримска хеморагична треска повеќе се развива на влажно и врнежливо време, иако тој е присутен и кога временските услови се суви.
Таа објасни дека кога има врнежливи години подобри се условите за размножување на крлежите и затоа во тие периоди опасноста за населението е поголема. Вирусот, како што вели Стефановска, не исчезнува во сушно време, само потешко се шири.
-Свесни сме дека вирусот опстанува во Македонија, циркулира и поголем ризик за заболување на населението е во години кога имаме обилни врнежи, влажна пролет и есен, кога летата не се многу суви и топли. За намалување на популацијата на крлежи временските услови имаат огромна улога, во смисла кога имаме топли и суви лета, апсолутно влијаат на намалување на популацијата на крлежи бидејќи секое исушување е неповолно за одвивање на нивните развојни циклуси. Не сите крлежи се докажани како вектори, односно носители и преносители на вирусот. Некои се вектори, а други не и тоа се должи на нивната биологија, вели професорката.