Врховниот суд зад затворени врати решава по приговорите на прераспределените судии

by fokus

Зад затворени врати, веќе еден час, Врховниот суд на општа седница одлучува по приговорите кои ги поднесоа 17 судии, a кои се жалат на последниот годишен распоред кој го направи в.д. претседателот на кривичниот суд, Стојанче Рибарев, а со кој повторно беа деградирани, но и тргнати од одделите каде што пристигнуваат предметите од СЈО.

На истата седница судиите треба да одлучуваат и по барањето на СЈО за изземање на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, од негово постапување по предметот за притворот на бизнисменот Сеад Кочан.

Како ќе изгласаат судиите ќе биде познато по завршувањето на седницата, бидејќи таа е затворена за јавност, па детали ќе се очекуваат од судот.

Судите со кои разговаравме не се оптимисти дека приговорите ќе им бидат уважени, како што тоа се случи последниот пат. Сметаат дека овој пат Врховниот суд ќе ги одбие и распоредот ќе стапи на сила.

Рибарев, за свој заменик ја именува Славјанка Јанковска, судијката која со само еден потпис ги отфрли таканаречените “бомби” како индиции за постоење на сериозен криминал и корупција и со тоа спречи истраги за високи државни функционери.

По предметите во истрага на СЈО, пак, ќе постапува екс-претседателот Владимир Панчевски, како и судиите Ненад Савевски, Александра Поп Стефанија и Елена Илиевска-Јосифовиќ.

За разлика од нив, судии со долгогодишен стаж и добри оцени се деградирани во одделението за прекршоци или се ставени да судат предмети по стариот ЗКП.

В.В.

Поврзани новости