Врховниот суд уважи жалба на СЈО, Апелација повторно да одлучува за притворот на градоначалникот Талевски

by fokus

Врховниот суд ја уважи жалбатa на Специјалното јавно обвинителство и го укина решението на Апелација со кое беше укинат куќниот притвор на  битолскиот градоначалник Владимир Талевски и предметот го врати на повторно одлучување.

-Во Врховниот суд на Република Македонија е заведен предмет Вкж 1 бр.21/2016 по повод жалба против Решението на Апелациониот суд Скопје Ксж бр.431/16 од 19.09.2016 година со кое е одбиен предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за продолжување на мерката куќен притвор за лицето Владимир Талевски. Поднесената жалба е уважена, а Решението на Апелациониот суд Скопје е укинато и предметот е вратен на повторно постапувањ, информираат од Врховниот суд.

Откако Апелација неодамна го укина куќниот притвор на Талевски, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека поднело жалба, а причината е тоа што учествувал судија кој морало да се изземе, бидејќи веќе еднаш одлучувал во истиот предмет.

-Конкретно, како што е уредено со Законот, а со цел да се обезбеди непристрасност на судијата, ист судија не сме да одлучува доколку веќе одлучувал во донесување на одлука во понискиот суд или учествувал во донесување на одлука која се побива со жалбата (чл.33 ст.1 т.5 од ЗКП). Имено, конкретниот судија веќе имал оформено сопствено мислење по однос на притворот за осомничениот, што несомнено укажува на негова пристрасност, објаснуваат од СЈО.

Сега Апелација повторно ќе одлучува дали ќе му го продолжи куќниот притвор на битолскиот градоначалник.

 

Поврзани новости