Врховниот суд, утре на општа седница, ќе одлучува по приговорите кои ги поднесоа 17 судии, a кои се жалат на последниот годишен распоред кој го направи в.д. претседателот на кривичниот суд, Стојанче Рибарев, а со кој повторно беа деградирани, но и тргнати од одделите каде што пристигнуваат предметите од СЈО.
По завршувањето на седницата се очекува и да биде позната одлуката, односно дали и колку од приговорите ќе бидат прифатени или одбиени.
Судите со кои разговаравме не се оптимисти дека приговорите ќе им бидат уважени, како што тоа се случи последниот пат. Сметаат дека овој пат Врховниот суд ќе ги одбие и распоредот ќе стапи на сила.
Рибарев, за свој заменик ја именува Славјанка Јанковска, судијката која со само еден потпис ги отфрли таканаречените “бомби” како индиции за постоење на сериозен криминал и корупција и со тоа спречи истраги за високи државни функционери.
По предметите во истрага на СЈО, пак, ќе постапува екс-претседателот Владимир Панчевски, како и судиите Ненад Савевски, Александра Поп Стефанија и Елена Илиевска-Јосифовиќ.
За разлика од нив, судии со долгогодишен стаж и добри оцени се деградирани во одделението за прекршоци или се ставени да судат предмети по стариот ЗКП.