Врховниот суд на Република Македонија ја одложи денешната седница на која, според најавите, судиите требаше да расправаат за употребата на „бомбите“ како докази во судските постапки и за тоа кој може да поднесува барања за заштита на законитоста, јави Мета.
Според информации од Врховниот суд, седницата била одложена бидејќи дел од судиите биле на боледување и таа ќе се одржи во некој од наредните денови.
Инаку, на дневен ред на седницата се два реферати поднесени од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, од кои едниот е дали прислушуваните разговори можат да се користат во судска постапка како докази или, пак, тие претставуваат само индиции. Другиот е околу поднесувањето на барања за заштита на законитоста до судот, односно дали Специјалното јавно обвинителство има право да поднесува вакви барања или, пак, тоа право го има само Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.
Врховните судии минатата недела, пред велигденските празници, одржаа седница на која расправаат за овие прашања, но таа заврши без конкретни заклучоци.
СЈО досега поднесе неколку барања за заштита на законитоста до Врховниот суд, од кои едното се однесува на пресудата на Звонко Костовски, единствениот осуден во случајот „Пуч“.
Кон крајот на минатиот месец, пак, Јавното обвинителство поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд, од кого бара да ги поништи одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд Скопје и да му го укине притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“. Кочан повеќе од месец и половина е во бегство и против него е распишана меѓународна потерница.