Врховен им ги одбил речиси сите жалби на „прочистените“ судии

by fokus

Врховниот суд ги одбил речиси сите жалби на судиите кои се жалеле до највисокиот суд откако Судскиот совет ги разреши како дел од ветингот односно прочистувањето на судството кое долго го најавуваше власта. Според податоците кои „Фокус“ ги доби од Врховниот суд, во 2020 година таму се одлучувало по пет поднесени жалби на разрешени судии, а усвоена била само една, на судијката Силвана Илиевска од Основниот суд во Битола.

Минатата година судот одлучувал за жалбата на нивниот поранешен разрешен претседател, Јово Вангеловски, ја разгледувале жалбата на поранeшената колешка Рахилка Стојковска, на охридскиот судија Гоце Јашковски, но и жалбата на поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Сите овие жалби биле одбиени. Вангеловски и Стојковска беа меѓу првите судии со кои почна „чистката“, иако Судскиот совет со години не одлучуваше за предлогот за нивно разрешување.

Членовите на Судскиот совет собраа мнозинство две години по поднесувањето на предлогот за разрешување на Вангеловски и Стојковска поради нестручно и несовесно работење, односно ги разрешија бидејќи со нивните гласа беше донесена одлука да биде ослободен од притвор бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот на СЈО „Труст“, кој тогаш беше во бегство. Потоа беше разрешен поранешниот претседател на Кривичен, Панчевски кој е и осуден за манипулации со АКМИС системот, односно за манипулација при делењето на судските предмети.

Жалба поднела и Татјана Михајлова

Годинава Врховен одлучувал по седум жалби на разрешени судии, шест се одбиени, а постапката за еден од судиите е во тек. Пред највисокиот суд се жалел судијата на Управниот суд, Мустафа Шахини кој беше разрешен за нестручно и несовесно работење, откако му беше поднесено обвинение во кое се товари дека ја оштетил државата за над 200 илјади евра. Неговата жалба е одбиена, а одбиена е и жалбата на судијката од Охридскиот суд Весна Кичеец која беше разрешена за бегството на српскиот турист од Краљево кој е обвинет дека на новогодишната вечер во 2016 година, до смрт го претепал охриѓанецот, Димитар Матилоски.

Одбиена е жалбата и на судијката Татјана Михајлова која го замени Панчевски и еден период беше на чело на Кривичниот суд.

Михајлова беше судечки судија во случајот на СЈО, “Насилството во Центар”. Таа во овој случај донесе решение со кое забрани дел од „бомбите“ и заштитен сведок да бидат користени како докази во судењето против поранешниот премиер, Никола Груевски и другите 13 обвинети. Подоцна предметот и беше земен, бидејќи од 1 јануари 2018 година, од Одделението за организиран криминал беше прераспоредена во Одделението за прекршоци.

Врховен ја одбил жалбата и на судијката од Кривичниот суд во Скопје, Софија Лаличиќ чиј глас се слушаше во една од „бомбите“ кои ги објавуваше СДСМ од нелегалното масовно прислушување како разговара со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Но, Судскиот совет воопшто не ја повикал за овие објавени разговори, туку ја разреши по претставка на адвокатот Асмир Алиспахиќ откако го казни со 2.000 евра казна оти на Фејсбук ја нарекол „сваровски судијка“. Нејзиното разрешување, Лаличиќ  го нарече срам за Судскиот совет. Правосилно разрешена беше и судијката Лидија Неделкова од чии разговори од масовното прислушување прозилезе „сваровски судството“. Неделкова беше разрешена за ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник односно Кодекс за судиска етика.

За жалба на Дума се одлучувало дури сега

Оваа година Врховниот суд одлучувал и по жалба на порнешната судијка Виолета Дума која беше разрешена уште во 2010 година, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Заедничко за речиси сите судии е тоа што се разрешени за нестручно и несовесно работење, но извештај зошто точно Судскиот совет ги разрешил судиите нема, иако повеќето од одлуките се веќе правосилни, односно за нивните жалби одлучувал Врховниот суд.

Најголемиот број на судиите беа разрешени додека на чело на Судскиот совет беше Киро Здравев, а пред неколку дена беше разрешен и првиот судија од почетокот на мандатот на новата претседателка, Павлина Црвенковска. На последната седница разрешен беше судијата од Кривичниот суд, Горан Бошевски кој со години го судеше случајот „Траекторија“, кој уште нема завршница, а во кој еден од обвинетите беше поранешниот премиер, Никола Груевски.

Со неговото разрешување, судењето почнува од почеток, а освен овој предмет од почеток треба да почне и „Талир 2“ и случајот „Шпански скали“ каде Бошевски беше дел од судечкиот совет.

Судскиот совет без официјално образложение за разрешувањата

За причините за разрешувањето на Бошевски, од Судскиот совет немаше ни неофицијални информации со образложение дека овие постапки се тајни до правосилноста. Но, јавноста остана без образложение од Судскиот совет зошто овие судии се разрешени, дури и по нивната правосилност.

На следната седница на 17 јули Судскиот совет пак најавува расправа за извештаи на комисии на известители по поднесените барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд, формирање на комисии на известители по поднесените барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд. Официјално не се кажува за кој претседател на суд ќе се расправа на наредната седница.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости