Пишува Хасан Јашари
Поминаа 140 години од Француската буржоаска револуција од 1789 година. Таа остави незаборавна и мнoгу впечатлива трага на развојот на човечката цивилизација. Патот на современото државно уредување со поделба на власта и почитување на основните права и слободи на човекот го почна својот макотрпен пат токму со овој настан. Но, еден слоган на револуцијата сè уште предизвикува бројни дебати. Тоа е слоганот Егалите, кој се употребувал заедно со Либерте и Фратерните (Liberté, égalité, fraternité).
Целта на француските револуционери и на уставнотворното Собрание подоцна, беше тоа да биде основата на републиканизмот – луѓето треба да бидат рамноправни, или, поточно од страна на државата, да бидат третирани како еднакви. Но, во наши услови, прашањето што се наметнува е дали егалитаризмот – принципот на еднаквост на граѓаните претставува теорија, тренд на пишување на уставите, законите, семинари и работилници или реална, практична животна филозофија? Но, ние се прашуваме и како е дистрибуирана алокацијата на материјалните добра од која зависи положбата на населението во Македонија, поточно, дали тоа е симболичка алокација или е економска?
Еднаквост на шансите, во услови на општествено раслојување
Реченицата дека сите се рамнопрвани, во член 9 од Уставот на Македонија, кој гласи „Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.
Во реалниот живот, луѓето се крајно нерамноправни, вели Валтер Стајси. Некои од нив се ниски, некои висoки, некои здрави, некои болни, некои се грбави, некои ќелави, некои хендикепирани, некои убави… Но, најпознатата општествена положба на луѓето е поделбата на богати и сиромашни. Оваа поделба, основата ја има во нагласокот на еднаквост на шансите на секој поединец во натпреварот за подобар општествен статус, но не обезбедува еднаквост на општествените награди кои се алоцираат за ови статуси. Тоа значи дека ние ги имаме сите права, и политички, економски, пред законот, но немаме право на потребиот доход, кој претставува основа на нашиот општествен статус.
Тогаш се поставува прашањето колку има богати и колку има сиромашни граѓани? Со оглед на фактот дека еден тенок слој во Македонија станува сè побогат, а еден нумерички дебел слој осиромашува (среден слој претставува средната класа – на бирократи и техничари на знењето како ги нарекува Жан Пол Сартр), тогаш егалитаризмот станува дискутабилен.
Егалитаризмот во времето на пандемијата
Во времето на пандемијата, на некој начин луѓето стануваат еднакви; сите треба да ги почитуваат забраните, како на пример, полицискиот час, да носат маска, ракавици, да ги следат информациите за ковид и да се придржуваат на правилата пропишани од државата. Сите остануваат дома, па нема Малдиви, нема Бора Бора, нема Сејшели. Нема ќеф. Но, и дома не е еднакво. Некој со урда, некој со фстаци, бадеми и „џони вокер“. Тоа е општеството на Маркс и поделбата на богати и сиромашни. Нерамноправноста постои во условите во кои луѓето работат и заработуваат за живот, поделбата на капиталот, би рекол Маркс.
Социолошката дефиниција на нештата заговара класно-социјалната структура на сите да им обезбедува еднаков пристап до економските добра на општетството (на пример, неформалните квоти во претставничките органи на власта за етничките заедници, стипендии за учениците со посебни потреби, бесплатно основно и средно образование, државни квоти за студентите, студентски домови, социјални станови и др. Но, и покрај тоа, социјалната заштита на населението во Македонија е поразителна. Повеќе се базира на формата, т.е. донесување закони, семинари и тренинзи, отколку во суштина материјално да ги поддржи семејствата и луѓето и да имаме помал број питачи.
Тендерски егалитаризам, хиерархискиот криминал и дрвокрадецот
Постои една филозофема дека сите криминалци не одат в затвор. Тоа е точно и мора некако да се сложиме со оваа вистина. Но, сите криминалци или, поголемиот дел од нив, да останат на слобода, за жал, станува децениска балканска и македонска животна рутина. Но, така не е со дрвокрадците, ситните дилери на дрога, разни ситни џепчии, ситни шверцери и др. На дрвокрадците, според законот, им се запленува магарето, коњот, маската, тракторот. Тие се за нив средства за работа, а од тоа што го гледаме во секојдневието, 95 отсто од нив се егзистенцијално загрозени, живеат од тоа.
Дрвокрадењето, на крајот на краиштата, е макотрпна и многу ризична работа. Но, мора да се сложиме, тоа е добра работа за да не се уништат шумите и во тоа се успеа во последните месеци. Но, нашето прашање е што е со хиерархискиот криминал. Тоа е привилегија на белите јаки, да владеат со парите и да остануваат неказнети. Богатите криминалци успееја да го уништат, поткопаат и специјалното јавно обвинителство, кое беше за неколку години успешна приказна за на крајот да се бламира целосно, со низа корумпирани сцени и срамежливи потфати.
На политичките елити им останува овој срам. Но, на идната влада ѝ останува да ја консолидира социјалната заштита на населението, кое е декларативно, само со убави зборови и симулирање дека се прават реформи.
Оптимизмот треба секогаш да се следи со работа на промена на материјалните услови во кои живеат и работат луѓето. Богатото општество треба да го почувствуваат сите.
(Авторот е професор на Универзитетот на Југоисточна Европа)