Време на горчина и на револт

by lali

Ви го пишувам ова ден пред Меѓународниот ден на човековите права (10 декември). Кога ќе го читате ова, јас веќе ќе бидам во Брисел, на завршната фаза од проектот „Борба против десничарскиот популизам“, проект во кој учествувам во име на „Цивил“, заедно со другарки и другари од Германија, Италија, Грција, Кипар, Романија, Украина и од Русија. Сум ви го спомнал и порано. Ќе патувам со попладневен лет на самиот ден, за мене и моите другарки и другари во „Цивил“, најважен ден во годината.

Ние донесовме одлука што ќе правиме по повод овој ден. Нема зошто да го одбележуваме посебно, со активности генерирани за да се направи нешто пригодно. Овој ден не е наменет за пригодности. Денот на човековите права е датум на кој треба да се сетиме на сите неправди и да ги одбележиме со протест. За мене, за нас, секој ден е ден на човековите права.

Затоа, ние решивме да го посветиме нашето време и сите наши напори да ги насочиме на поддршка на студентските протести. Ги повикавме сите граѓанки и граѓани, сите наши членови и поддржувачи од цела Македонија да го сторат истото.

Пред да тргнам за Брисел, и јас ќе излезам на улица. Ќе чекорам со студентките и студентите на оваа земја кои, конечно, покажаа зрелост, достоинство и решителност. Сите овие денови прогресивните млади на Македонија ми го исполнуваат срцето и ми даваат надеж дека оваа земја не е изгубен случај.

ПОЛИЦИСКО-ПАРТИСКАТА ЧИЗМА НА МАШИНЕРИЈАТА

Ова ќе го читате во ден кога протестите закажани за 10 декември ќе бидат завршени, а на сцена ќе бидат валканите спин-мајстори во спрега со целото државно раководство, кои со недели наназад се обидуваат да го намалат значењето на студентскиот револт.

Веќе со недели ги етикетираат и понижуваат, но сѐ што успеваат е да покажат дека се нервозни и збунети. Сигурен сум дека службите веќе однапред имаа информација дека и студентите што студираат на албански јазик ќе им се придружат, нешто што прочитав пред некој ден. И дека средношколците и многу други ќе се придружат.

Претпоставувате зошто сметам дека е многу значајно што и студентите Албанци го поддржуваат Студентскиот пленум. Тоа е знак дека прогресивните млади на оваа земја не ја гризнале јадицата на национализмот, кој го шират властодршците преку партизираните институции од највисоко до најниско ниво.

Тоа е знак дека ова општество, сепак, има сили да се издигне над етничко-религиозните стапици кои ги поставуваат клеро-политичките мафиози. Студентите им одржаа лекција на сите салонски револуционери, на партиите, на невладините фолиранти (израз од „Баба Зумбула“), на црвените буржуи, но најмногу на власта.

Не знам до каде ќе оди оваа работа. Можеби и овој револт ќе се распадне под полициско-партиската чизма на Машинеријата и медиумските лајтнанти. Извесно е дека веќе се подготвени и се спроведуваат сценарија за одвлекување на вниманието и дека најдобар начин за тоа е продлабочување на етничките и на верските тензии. Се разбира, тоа ќе биде придружено со жесток притисок врз единствената каста која живее донекаде пристојно во оваа земја – административците кои во најголем дел се партиска војска.

Административци, значи и полиција и судови, можеби „најсреќните“ во оваа земја на несреќни луѓе. Како што прочитавме пред некој ден, се вбројуваме меѓу најнесреќните луѓе на оваа планета. Крајниот исход ќе бидат предвремени избори, омилената и скапа играчка на оваа хибридна демократија, како што Фридом хаус ја нарече Македонија во својот извештај годинава.

Но, ќе остане надежта дека оваа земја не е земја на зомбифицирани и лоботомизирани суштества. Деновиве се среќавам со многумина за кои знам дека се членови или поддржувачи на партиите на власт. Македонци и Албанци, Турци и Срби, Бошњаци, Роми, Власи, Евреи, Египќани, верници, атеисти, космополити и патриоти – сеедно, веќе зборуваат, не шепотат повеќе.

Тоа, во најубава смисла на зборот, го покажаа студентите. Сега е ред на сите други во оваа земја. Сега е време кога треба да се сетиме дека овие млади се нечии деца и дека сакаат да живеат во нормална земја, на парчето земја што го наследиле од своите родители. И да ги поддржиме.

УЖАСНА ГОДИНА ЗА СВЕТОТ

Оваа година, слоганот на Обединетите нации по повод Меѓународниот ден на човековите права е „Човекови права 365“. Без оглед на тоа што мислам за ОН, за нивната улога, односно неуспех да бидат вистински релевантна глобална организација која ќе биде гарант на мирот, правдата и слободата – слоганот им е добар.

Конечно, тој слоган произлегува од барањето на безбројни милиони намачени луѓе по светот чиј живот е исполнет со мизерија, страдање и смрт – правата и слободите да не бидат тема на денот, туку да бидат обврска и цел на секој човек, секој ден во годината.

Војни и воен интервенционизам, империјализам, експлоатација, угнетување, манипулации, дискриминација и неправди кои ги нанесуваат владите врз сопствените народи… Сирија, Ирак, Фергусон, Хонг-Конг… Украина, Авганистан, Чеченија, Палестина, Египет, Шри Ланка, Нигерија, Унгарија, Русија, Кина, Мексико… Листата е предолга и црна, не може да биде поцрна.

Оваа ужасна година зад себе остава десетици илјади жени и деца убиени во воени конфликти, милиони раселени, илјадници погубени, осудени и затворени, тепани, тортурирани и масакрирани ширум светот. Силите на мракот маршираат низ нашите животи и не ветуваат ништо добро за човештвото.

Но, ова е година и на бунт и гласност, кога стотици илјади луѓе решително застанаа пред милитаризираните полициски кордони и побараа правда и мир. Револтот го осмислија и го водеа млади. Тоа ме радува и храбри, ме подмладува. Им верувам.

Таму каде што институциите и меѓународната заедница гледаат „предизвици“, милиони млади во светот гледаат трагедија и неправда. Таму каде што дипломатијата става уште еден пар снежно бели ракавици, бунтовниците ги разголуваат фактите и им го даваат вистинското име на настаните и структурите кои извршуваат неискажливи неправди.

Таму каде што во прескапите студија се „анализираат“ состојбите, не можете да ја најдете вистината. Таа е онлајн.

Илјадници „експерти“ и „бранители“ ги гледаат човековите права и слободи само како уште една професионална задача, која ќе им обезбеди покомфорен живот. Пишуваат, даваат изјави и интервјуа, гласаат и испраќаат разни документи со препораки, агенди, мерки, стратегии и програми.

Далеку, далеку од мрачната слика на светот во кој живее огромното мнозинство луѓе во светот. Седат на иста маса со режимите и „преговараат“. Фала им за тоа. Битките, сепак, се водат на друго место.

МОЈАТА ПРЕКРАСНА МАКЕДОНИЈА

Назад, во Македонија, сакам да кажам – назадна Македонија. Никој не вели дека е лесно, но не е ни претешко. Кога ќе се отфрлат стравовите за лебот насушен денес, ќе се види дека утрешнината е подобра и послободна. Само треба да го надвладееме стравот. Стравот за ситните нешта. И да се пронајде големината. Не вреди да бидеш сит денес, ако утре бидеш и гладен и угнетен.

Не треба да дозволиме да бидеме ни оддалеку налик на тој што кажа дека треба да се слушне гласот на студентите, во несреќен обид да излезе од длабоката послушничка сенка и да зазвучи како Тито во 1968-та. Смешно и тажно.

Не само да се слушне гласот на студентите, туку да се проговори. Јасно, гласно, недвосмислено. На улица. Бидејќи, веќе нема друго место за тоа.

Затоа, пред да летнам за Брисел, ќе бидам на улица. И ќе им порачам на тие што ќе ги формираат црните, блиндирани кордони: Не тепајте ги децата на оваа земја! Не тепајте ги своите и децата на вашите знајни и незнајни соседи! Не тепајте ја иднината на оваа земја! Имате право на неизвршување незаконити и нечовечни команди!

Тешка, ужасна година оставаме зад нас и овде, во нашата назадна Македонија. Оваа година треба да остане запаметена како година на згазено достоинство, структурно насилство и безобѕирно кршење на човековите права и слободи, тотална измама и страв распространет како чума. Во затвор се десетици политички затвореници, вклучувајќи и еден новинар кој за напишан збор е осуден на четири и пол години затвор, лидер на политичка партија, сопственик на независни медиуми, нивни соработници и членови на семејство, како и низа други „непослушни“ и „неподобни“. И ние, што не сме в затвор, веќе како да сме в затвор.

Но, оваа година е поинаква. Се чини, последна во низата од години на човечка мизерија. Го чувствувам во воздухот. Ова е време на горчина и револт. Само да опстане духот на другарството, наспроти поделбите. И сѐ ќе биде подобро.

Поврзани новости