Битолчани во сабота повторно ќе излезат на протест

by Фокус

Во сабота, битолчани најавија дека по втор пат ќе излезат на протест, на кој ќе го изразат своето, како што велат, крајно незадоволство и револт кон локалната и центарлната власт, поради нивниот игнорантски однос за загадениот воздух.

Најавено е дека протестот ќе започне во 11.30 часот, кај споменикот Стив Наумов, во Битола.

-Организаторите на протестот, здружението “За нас се работи”, остануваат децидни со своите барања кои вклучуваат поправка и замена на мерната станица Битола2 во центарот на градот, изработка на регистар на загадувачи и нивно фактичко обврзување да ги имплементираат еколошките стандарди. Крајната цел е доведување на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола во границата на дозволените стандарди“, се вели во повикот за протест.

Отаму додаваат дека, овој пат, организаторите инсистираат на прецизни рокови за исполнување на нивните барања и формално обврзување на институциите дека ќе постапат по барањата, заедно со прецизен план што конкретно ќе биде преземено за итно подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола.

-Мерењата покажуваат дека концентрацијата на ПМ честички на метар кубен во Битола во континуитет е повеќекратно зголемена над законски дозволеното  (50 микрограми на м3) и се смета за главен причинител што Битола е меѓу водечките места по краценогени заболувања во државата, велат организаторите на протестот.

Тие потсетуваат дека на претходниот собир своето незадоволство го изразиле околу 3.500 граѓани.

Поврзани новости