Пишува: Ида Протугер Вељковиќ
Не сум вознемирен што ме излажа туку затоа што отсега нема да можам да ти верувам. Овој цитат од Ниче во груби црти илустрира што значи довербата и колку тешко се стекнува, а уште потешко се реставрира.
Времето на груевизмот и неговиот конгломерат што продуцираше пропаганда и дезинформации цела деценија и кој се потпираше на цела војска “новинари” кои за пари или уредничка позиција ги продаваа своите услуги, а ги предадоа професионалните стандарди, доведе до драматичен пад на довербата во медиумите.
Малкуте медиуми кои останаа професионални, беа со трауматски искуства, како да преживеат, да поделат плата, да се справат со притисоците и заканите и да ја задржат довербата на јавноста.
Но без оглед на крајот на ерата на груевизмот и расчистување со времето на притисоци и закани, ние немаме здрав амбиент каде анализите и информациите ќе бидат предност во конкурентста битка и освојување на довербата на гледачите или читателите.
Во неколку наврати премиерот Заев изјавуваше дека неговата улога била да обезбеди демократија, а медиумите самите да се “прочистат” во една конкурентска битка. Зошто е ова толку погрешно токму во излез од авторитарен амбиент? И каква е улогата на владата во “враќење на нормалноста” во состојбите?
Ќе се послужам со пример од соседството.
Чистката на судии во Албанија
Не знам колку јавноста е информирана за случувањата со судството во Албанија, но таму Уставниот суд е целосно нефункционален, а слично им се заканува и на останатите судски институции. Албанија почна т.н. генерален ремонт на судството преку т.н. процес на проверка.
Процесот се одвива врз база на три критериуми: проценка на имотот во однос на приходите, професионалните критериуми и врските со криминални елементи. Како што пренесува Балканинсајт, од вкупно девет судии во Уставниот суд, овој трослоен филтер го минале само двајца од кои едниот, сведочи дека докажувањето на потеклото на неговиот имот било “пат до гробот и назад”.
Во врховниот суд, од 17 судии, петмина доброволно се повлекле, двајца влегле под истрага откако почнал процесот на проверка. 57 судии од високите судови треба да поминат низ оваа проверка до крајот на годинава, а следната, тоа ги очекува судиите од апелациските судови. Албанската министерка за правда Етилда Ѓонај изјави дека земјата “нема да остане без Уставен суд, туку ќе биде излечена од болест”, додавајќи дека процесот на проверка е всушност обнова на надежда за правда. Значи, нашиот сосед реши да ја чисти “пченицата од каколот” во тамошното судство, секако, под притисок на САД и ЕУ за демократизација која ќе и го олесни патот на земјата кон евроинтеграција.
Ние пак добиваме порака дека “пченицата и каколот” треба во еднакви услови да се борат за довербата, глeданоста и профитот?!?
Не може поинаку да се протолкува изјавата на премиерот дека е доволно што Владата обезбедила демократски амбиент во медиумите, бидејќи ако направиме паралела со Албанија пред започнувањето на генералниот ремонт, би значело отприлика корумпираните и чесните судии да си работат во еднаков амбиент, па конкуренцијата да пресуди?!?
Се надевам дека Заев не мисли дека демократија е кога новинар професионалец ќе открие афера, потоа може слободно да биде оцрнуван и дискредитиран во портали каде етиката, фактите и професионалните стандари не виреат, односно се “какол во пченицата”. Особено што таа сатанизација ја прават во обид да ги оправдаат владините потези. Ако премиерот вели медиумите се независни и тој не сакал владата да се меша, како тоа едно од клучните ветувања му беше генерален реизбор на судии во независното судство?
Во позитивна надеж дека примерот од Албанија ќе го пресликаме во нашите судски реформи, сакам да ја истакнам неславната улога на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во креирање на амбиент на здрава конкуренција. Оваа институција за жал пропушти да ги одземе лиценците на сите медиуми кои потфриле во основната дејност, работеле спротивно на јавниот интерес и јавното информирање, а со тоа и против Уставот. Уставот во член 16, став 2 гарантира слобода на говор, но и на јавно информирање, наспроти дезинформирањето кое беше на сила. Да ја цитирам повторно албанската министерка за правда чија изјава во овој случај би гласела: Македонија нема да остане без медиуми, туку ќе биде излечена од болест.
Најилустративен пример, кој наликува на монтипајтонски, но е реален, за жал, е телевизијата која ширеше само невистина, одеднаш насловува емисија “Само вистина” и “тера даље за исте паре”. И со тоа довербата е реставрирана? Зошто таа телевизија остана несанкционирана што долги години не работеше во корист на јавниот интерес, односно го изигра во корупциски спреги со тогашната власт? Како може другата телевизија чиј менаџмент и уредништво беше присутен во речиси секоја епизода во серијалот на бомбите, да продолжи да функционира со истите новинари кои беспоговорно ширеле пропаганда? Сега “амнестирани” емитираат доверба?
Тоа ниту е фер кон излажаната и изневерена јавност ниту кон колегите кои работејќи професионално во авторитарен амбиент каде им беше загрозена безбедноста, не ја изневерија довербата на јавноста. И сега истите колеги повторно се мета на напад од “каколот” во новинарските редови.
За жал, на овие наталожени проблеми со нелојалната конкуренција, сега се накалемија и лажните вести, каде во целиот амбиент страда вистината и квалитетот на информациите. Затоа, со симпатија го проследив соопштението на Советот за етика, ЗНМ и новинарскиот Синдикат за нивниот повик да се почитуваат минимум новинарски стандарди, но за жал тој повик делува како осамено донкихотско ехо, кога веќе сите останати механизми не функционираат.
Конструктивната улога на владата
Здравиот амбиент каде ќе се конкурира со квалитет на анализи, екслузивни вести и стории кои ќе ги расветлуваат аномалиите во системот, а во корист на граѓаните и јавниот интерес се клучни за наша демократизација. А не е демократија каде ќе оставиш сива зона каде од плевелот, ни еден здраво семе не може да изрти.
Во тоа владата може да помогне на два начина. Прво, позитивен исчекор е што престана давањето државни пари за реклами во медиумите и тоа е еден начин за воспоставување здрав амбиент. Но, не доволно. Добро е да се доделат бараните субвенции на сите весници со што тие ќе имаат изедначени позиции и квалитетот на информациите ќе ја подобрува конкурентноста. Во ваков амбиент на нелојална конкуренција, поддршката на еден медиум преку Фондот за иновации, претпоставено му дава подобра позиција на пазарот и не е битно дали ги исполнил критериумите за грантот, туку принципот на поддршка е погрешен. Натаму, во партнерство со новинарските организации, невладиниот сектор и АВМУ, треба да се најде начин за регулација на интернет порталите кои сакаат да се декларираат како информативни, а служат за пропаганда и пресметка со неистомислениците на центрите на моќ што ги финансираат. Кампањата во САД со лажните вести верувам е доволна лекција за последиците од таа нерегулирана дејност.
Во вака нерегулиран амбиент, Курир и Инфомакс не само што не се згазени од конкуренцијата, туку се мултиплицираат. Што укажува повторно на тоа дека амбиентот не е здрав.
Конечно, медиумите не се обични приватни фирми кои можат да прават што сакаат. Не, тие се компании кои треба да го штитат јавниот интерес и да бидат под строг надзор на контролните институции.
Не сум поборник на задолжителен референдум затоа што мислам дека е доволно што лидерите на земјата ја презедоа одговорноста за потпишувањето на Договорот како клучен исчекор кон евроинтеграциите. Но ако веќе граѓаните е потребно да одлучат, довербата во медиумите и квалитет во информирањето е особено важен при тој процес за да донесат така важна одлука во однос на иднината на земјата врз база на факти и квалитетни анализи. Во ваков амбиент на нелојална конкуренција, лажни вести и пресметки, не знам колку е тоа можно. И се разбира, не мислам на униформирано известување како во време на груевизмот, скраја да е. Туку богатство од преспективи кои ќе базираат на факти и квалитетни анализи. Конечно, а не помалку важно, јавноста треба конечно да знае кој е планот “Б” за кој зборува министерот за администрација Манчевски во однос на јавниот сервис МРТВ, тоа пропагандно дувло на дезинформации.
Само реставрирање на довербата може да го подобри амбиентот и повторно да го врати достоинството на новинарската професија. А тоа не е можно во осамена битка на професионалците и новинарските здруженија. Праксата покажува дека бројот на кликови и реклами не е правопропорционален со вистинитоста и квалитетот на информациите. Секако тоа е последица на вкупните состојби на пад на квалитетот во сите сфери на живеење, но ако треба дури и од самата професија да почне нагорен тренд на промени, треба да и се дувне ветер во едрата.