Коалицијата „Вреди“ во која се здружени опозициските партии на Албанците вечерва слават на плоштадот „Скендербег“ пред партискиот штаб на коалицијата со огномет, зурли и тапани.
Прес-конференција имаше и претседателот на Демократското движење и носител на листа на пратениците од коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ) во ИЕ1, Изет Меџити кој кажа дека коалцијата е апсолутен победник на Албанците.
-Ви благодариме на трпението и отпорот на сите закани. Како што предупредувавме во текот на кампањата, денеска изборниот процес беше сѐ, само не демократски. За жал, државните институции кои имаат задача да го гарантираат процесот, денеска повторно се ставија во служба на ДУИ. Сѐ е документирано и во текот на наредните денови ќе ги информираме претставниците на амбасадите, набљудувачките мисии за сите овие настани и другите релевантни институции во земјата и странство. За насилството врз гласачкото право ќе се одговоара, кажа Меџити.
Тој се осврна и за бојкотот на изборите од страна на ДУИ.
-Денеска драги Албанци, партијата којашто владееше со институциите 22 години го покажа своето вистинско лице, маските на крај паднаа. Со бојкотот ДУИ за жал се обиде да го врати политичкото организирање на Албанците во Македонија на предполитичко ниво. Партијата која излезе под името Европски фронт го бојкотираше изборниот процес, примитивен и недемократски чин, чин спротивен на секој европски и демократски принцип, чин кој создава горчлива слика за Албанците во светот, рече Меџити.
Тој јавно го праша Бујар Османи како ќе го оправда бојкотот на изборите и примитивното однесување на денот на изборите утре пред меѓународните партнери.
-Од утре Македонија се подготвува за политичка ротација. Новата влада ќе ја одразува мнозинството на албански гласачи. Со денешниот ден Али Ахмети ја запечати својата конечна изолација од сите релевантни општествени и политички чинители и фактори во државата и меѓународните фактори. Али Ахмети од денеска е најголемиот политички губитник. Заедно со Артан Груби и неговите пријатели кои во оваа кампања демонстрираа само ароганција и насилство, од денеска ќе заврши во политичка изолација од коалициските партнери, од опозициските партии, од странските амбасадори, од меѓународната заедница, од невладините организации, кажа Меџити.