Во Вардар има три врби. Тие требаше да бидат некаква уметничка инсталација, која во речното корито ќе ги забетонираше трите најважни принципи на човековото постоење: верата, надежта и љубовта. Се разбира, зад некаква си симболика повторно се криеја евра, иако има едно добро објаснување. Ниедни пари, а камоли 80 илјади евра по врба, не се големи пари за симболот што го претставуваат. Што се осумдесет илјадарки да фрлиш на љубов, па макар тоа било и во облик на врба. Но, приказната за трите врби во Вардар заврши со скандал, па секаква симболика беше упропастена.
Денес ситуацијата е следнава. Опстојува само врбата наречена Надеж, додека Љубовта и Верата се навистина тажни, исцрпени, светлозелени, речиси жолти и чекаат зимата да им ги одземе и она малку боја и лист. Ако верата во љубовта треба да ја претставиме преку двете врби, значи дека или не се фатиле или Јапонците од кои беше преземена идејата, нешто не ни кажале. Но, попрво ќе биде неискрената намера која ги уништи растенијата и ни предочи дека љубовта кон народот, татковината и кон човекот изостанува од тие што ги засадија во една од најзагадените реки во Европа. Дали со трите врби можеме да го претставиме односот на оваа власт кон народот. Пак се манипулира со зборот на ист начин како со тој што стои зад него. Оваа врба Надеж што опстојува во Вардар е објаснување за многу работи. Лажна надеж, на пример. Последна надеж, на пример. Надежта која последна умира е една од најголемите лаги зашто откако човекот ќе умре, нема кој да се надева, па таа измислица е добра за манипулирање.
Надежта е најпатетичната од трите чувства, најманипулативна и најнесигурна. Многу владетели опстојувале држејќи го својот народ во надеж дека ќе биде подобро. Од утре, од задутре, в година, по три години, од 2020. Никогаш. Ова последново не се кажува, но на крајот, по многу години, може да се заклучи.
Само вие надевајте се, оставете нѐ нас да љубиме и да веруваме. Да си ги замениме улогите. Врбите во Вардар, освен што ќе бидат забележани како најскапите дрвја на светот, не може да бидат хранети со љубов. Лажната надеж, и вака и така, но лажната љубов и вера се разоткриваат бргу. И така, како сега некој да ѝ шепне на врбата Љубов дека не е фер што папсала, виснала, се претворила во тажна љубов. Кој е херој да доплива до неа и да види што ја труе таа љубов или кој ѝ ги гризе корените на вербата. Нема херој.
Погледнете ги трите врби во Вардар и многу работи ќе ви станат јасни. Надежта е толку патетична. Врбата Надеж во Вардар последна ќе умре. Сепак, тоа се само растенија со кои не помага когнитивна манипулација, а не може ни да се поткупат, уценат, ни да се прихранат за да потраат уште малку.
Цела влада право пред врбите во строј. Да ги искараат тие што ги преплатиле, а не им вратиле. Да се исправат и позеленат под итно. И вербата и надежта. Ама тоа се растенија? Ќе знаат поединци од нашата влада како да комуницираат со нив. Тие одамна го знаат и говорот на мртвите. Премолчено се договориле да им се оддолжуваат за тоа што го направиле за нив додека биле живи и многу подоцна откако ќе го напуштат овој свет. Што им фали да бидат водени како живи, уште долго откако ќе умрат.